• петок, 22 ноември 2024

Џафери: Жалам што како возрасни не успеавме да изградиме побезбеден свет за децата

Џафери: Жалам што како возрасни не успеавме да изградиме побезбеден свет за децата

Скопје, 20 ноември 2023 (МИА) - Драги деца, жалам што како возрасни не успеавме да изградиме побезбеден свет за децата. Свет каде ниту едно дете нема да биде лишено од семејната топлина, од мирниот сон во својот дом и од топол оброк, отворени училишни врати и квалитетна здравствена нега, кога ќе е потребна. Вие сте наша одговорност, наша совест и тоа што го правиме, она на што ве учиме и за што ви даваме личен пример е тоа во што ќе го претворите светот и вие во иднина.

Ова денеска го истакна собранискиот претседател Талат Џафери, на настанот „Децата го преземаат Собранието“, по повод Светскиот ден на детето.

Тој кажа дека му е драго што на овој значаен јубилеј, на 30-годишнината од ратификувањето на Конвенцијата за правата на децата и 30 години од работата на УНИЦЕФ, избрано е токму Собранието како претставничка институција на граѓаните, за да се одбележи денот.

- Вие сте идните граѓани на оваа земја и оваа денешна пленарна седница е можност за ваше информирање за тоа која е улогата на законодавниот дом, која е моќта на законите кои се гласаат тука и колку е важна надзорната улога што ја имаат избраните пратеници врз извршната власт, односно министрите кои ги ставаат во живот пишаните законски одредби, рече Џафери.

Затоа е одлична идејата, посочи тој, да можат од говорница да ги искажат потребите, грижите и решенијата што ги засегаат нив како деца и млади.

- Пред да го изразите вашиот немир, сакам да ве уверам дека ниту ние возрасните не сме имуни на промените низ кои поминувате и вие како деца, заедно со сите нас во ова време на променети услови за живот, учење, растење, во ова време на сериозни закани за жал и по безбедноста на животот на децата, додаде Џафери.

Тој им рече дека возрасните ќе слушаат внимателно што ќе споделат и ќе се насочат кон подобрување на состојбите во некои од областите што ги тиштат, како на пример во образованието, нивното ментално здравје и нивното учеството во креирањето на политиките.

- Знам дека ова не се вашите единствени грижи, меѓутоа, кога се има јасна визија и искрена волја за менување на нештата, ниту една цел не е недостижна, подвлече Џафери.

Тој истакна оти ниту едно дете не смее да е надвор од квалитетен образовен систем, систем што ќе се прилагоди на новото време и ќе овозможи личен развој на учениците. Во тој круг на трансформација, додаде Џафери, мора да бидат вклучени подеднакво и учениците и наставниците и родителите.

- Дигиталната безбедност е уште една област каде тој круг на соработка помеѓу учениците, наставниците и родителите е неопходна за превенирање на оштетување на вашето ментално здравје. Немојте да се двоумите да побарате помош во тој круг кога ќе ви треба. Тоа нема да ве направи слаби, туку мудри. Вие не сте сами, им нагласи Џафери.

Џафери додаде дека нивното учество во креирањето политики ќе внесе свежина и енергија и оти тој целосно ги поддржува во исполнувањето на целта за формирање на Национално собрание за млади, што ќе биде моторот што ќе креира приоритети и политики за застапување на младите, на најдобар начин.

- Драги млади, ви благодарам за вербата што ја полагате во Собранието на Република Северна Македонија. Ова е и ваш дом, како што е ваш и светот што останува на вас. Чекорете храбро и сигурно, им порача Џафери на присутните. бд/аа/

Фото и видео: Собраниска прес-служба

Остани поврзан