• петок, 22 ноември 2024

Џафери - Грвала Шварц: Северна Македонија и Косово имаат исти стратешки определби

Џафери - Грвала Шварц: Северна Македонија и Косово имаат исти стратешки определби
Скопје, 24 март 2022 (МИА) - Спикерот Талат Џафери денеска оствари средба со вицепремиерката и министерка за надворешни работи и дијаспора на Република Косово, Доника Грвала Шварц, при што беше констатирано дека двете земји имаат исти стратешки определби и цели во однос на надворешната политика. Како што соопштија од Собранието, Џафери ја нагласил поддршката на Северна Македонија за евроатланските аспирации на Косово, како и нашата подготвеност за давање придонес во таа насока. Република Северна Македонија, како членка на НАТО, со свои припадници на Армијата учествува во КФОР и на тој начин придонесува кон стабилноста на Република Косово. Истовремено, Џафери повторил дека земјата има афирмативен став за пристапување на Република Косово кон сите мултилатерални и регионални организации и иницијативи и ќе продолжи со поддршката на овој план. Според Џафери, Северна Македонија останува силно посветена на евроинтеграциските процеси, со спроведување на реформи кои ќе ни обезбедат европска иднина и со нов пристап и енергија во разговорите за конечно надминување на разликите со Софија. На средбата, Грвала Шварц се заблагодарила за принципиелната поддршка на нашата држава за Косово и ги нагласила одличните добрососедски односи, без отворени прашања. -Таа се осврна на евроатланската перспектива на Косово, со осврт на напорите за добивање на визна либерализација со ЕУ и информираше дека годинава Косово ќе аплицира за кандидатски статус во Унијата. Отворените прашања со Република Србија, според Грвала Шварц, се од политичка природа и не би требало да претставуваат пречка за европската интеграција на Република Косово. Таа оцени дека се потребни нови импулси во дијалогот меѓу Приштина и Белград, чија цел треба да биде реципрочно признавање и нагласи дека Косово покажа конструктивност и голема заинтересираност за изнаоѓање решение во овој процес, се потенцира во соопштението на Собранието. Доника Грвала Шварц информирала дека на средбите со меѓународните партнери укажува на потребата за итно отпочнување преговори за членство на Република Северна Македонија и Република Албанија со Европската унија, бидејќи одложувањето на овој процес е порака која ги демотивира и обесхрабрува земјите од Западен Балкан. Соговорниците се осврнаа на резултатите од првата заедничка седница меѓу владите на Северна Македонија и Косово во септември минатата година, во насока на надградување на билатералните односи и натамошно интензивирање на меѓусебната соработка. Беше изразено уверување дека од потпишаните договори и меморандуми ќе произлезат многу проекти во интерес на граѓаните од двете земји. На крајот од средбата, Џафери и Грвала Шварц изразија уверување дека политичкиот дијалог и соработка меѓу Северна Македонија и Република Косово ќе продолжат со несмален интензитет, во сите полиња од заемен интерес.бт/лв/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан