• недела, 22 декември 2024

Ќе се формира „Иноваториум – клуб на напредни знаења и вештини“ наменет за ученици од основните училишта

Ќе се формира „Иноваториум – клуб на напредни знаења и вештини“ наменет за ученици од основните училишта

Скопје, 12 ноември 2024 (МИА) - Меморандум за соработка за формирање „Иноваториум – клуб на напредни знаења и вештини“  за млади потпишале денеска Титан Цементарница УСЈЕ и Технолошко-металуршкиот факултет при УКИМ Скопје. Клубот ќе биде наменет за учениците од основите училишта кои сакаат да стекнат нови вештини и знаења од областа на СТЕМ-науките (математика, технологија, инженерство и техника).

Со потпишаниот меморандум е дефиниран начинот на соработка меѓу двата субјекта во едукативниот процес на младите преку адаптирани содржини, чија цел е да го зголемат нивниот интерес за техничките области.

Меморандумот за соработка го потпишале главниот извршен директор на ТИТАН Цементарница УСЈЕ, Константинос Николау, и деканот на Технолошко-металуршкиот факултет, проф. д-р Стефан Кувенџиев.

Николау истакнал дека во ера на дигитализација и вештачка интелигенција, од голема важност е соодветна едукација од областа на СТЕМ-науките.

-Иако учениците добиваат соодветна едукација и во училиште, ние заедно со нашите партнери сакавме да создадеме едукативна платформа која ќе овозможува унапредување на овие знаења, преку забава игра и интеракција. Се надеваме дека на тој начин ќе поттикнеме поголем интерес кај младите, но и дека ќе придонесеме за поголем економски развој заснован на знаења и вештини. УСЈЕ како дел од Титан-групацијата има искуство во вакви активности и сакаме нив да ги споделиме и со заедницата. Верувам дека ова ќе биде уште една успешна приказна, истакнал Николау.

За едукативните потреби на клубот „Иноваториум“ ќе бидат ангажирани предавачи од Технолошко-металуршкиот факултет, кои преку интерактивни содржини ќе ги анимираат младите и нивниот интерес за нови знаења од техничките области.

Деканот Кувенџиев порачал дека мора да се работи на создавање едукативни содржини кои уште од рана возраст ќе може да ги насочуваат младите кон одредени области.

-Ние сме отворени за соработка на вакви иновативни проекти кои всушност ги пресретнуваат потребите на новото време и овозможуваат создавање нови генерации кои во блиска иднина ќе можат да ги понесат новите процеси во реалниот сектор и во општеството. Техничките науки стануваат се поатрактивни и добиваат силна секојдневна примена и се надевам дека ќе го зголемиме интересот кај младите кои во иднина ќе продолжат да се едуцираат во овие области, истакнал проф. д-р Кувенџиев.

„Иноваториум – клуб на напредни знаења и вештини“ ќе биде лоциран во кругот на Титан Цементарница УСЈЕ. Како што е наведено во соопштение, на почетокот со активностите планирано е да бидат опфатени учениците од основните училишта од општината Кисела Вода, а во иднина во работата на „Иноваториумот“ ќе се вклучат и учениците од соседните општини.

Покрај тоа, дел од капацитетите на „Иноваториумот“  и научните помагала ќе им бидат ставени на располагање на сите наставници по математика, физика и хемија од општинските училишта, со што ќе може да го користат и во текот на редовната настава. хс/дма/

Фото: ПР на Технолошко-металуршки факултет на УКИМ 

Остани поврзан