• недела, 24 ноември 2024

Љутков им посака успешна работа на членовите на комисиите кои ќе ги оценуваат апликациите на годишните конкурси

Љутков им посака успешна работа на членовите на комисиите кои ќе ги оценуваат апликациите на годишните конкурси

Скопје, 6 ноември 2024 (МИА) - Министерот за култура и туризам Зоран Љутков ги поздрави членовите на комисиите за оценување на пријавите пристигнати на Годишните конкурси за финансирање проекти од национален интерес по одделни области и активности од културата и на нацрт-годишните програми за работа на националните установи од областа на културата. Им посака успешна работа во креирањето на националната програма за култура за 2025 година.

Како што информира Министерството за култура и туризам, на Годишните конкурси, кои завршија вчера, пристигнаа околу 2 илјади и 900 пријави кои ќе бидат оценувани од комисиите што годинава се формирани во согласност со препораките од Државниот завод за ревизија.

Во таа насока, Министерството за култура и туризам првпат изготви Упатство за критериумите за именување на членовите на комисиите во кое е јасно утврдено дека за членови на комисиите може да бидат именувани лица кои  имаат најмалку 10 години професионално искуство, потоа лица кои имаат реализирано, организирано или продуцирано најмалку пет проекти од соодветната дејност во која ќе вршат евалуација на проектите, лица кои имаат стекнато стручно звање во согласност со прописите за заштита на културното наследство итн., се вели во соопштението.

Членови на комисиите за секоја дејност одделно се следниве: за музичка дејност: проф. д-р Валентина Велковска-Трајановска, м-р Весна Малјановска и Сарана Адеми, за ликовна дејност: редовен проф. Антони Мазневски, професор во пензија, академски скулптор Томе Аџиевски и Исмаил Мислими, за драмска дејност се актерите: Крсте Јовановски, Рубенс Муратовски и Вулнет Кучи, за издавачка дејност: проф. д-р Маја Јакимовска-Тошиќ, д-р Марина Мијаковска и м-р Флорентина Фетахи, за фолклор: Филип Арилон, Мирко Стефановски и Емин Гаџа, за музејска дејност: проф. д-р Сашо Цветковски, дописен член на МАНУ, проф. д-р Елизабета Димитрова и проф. Мустафа Куртиши, за заштита: проф. д-р Драги Митревски, проф. д-р Марјан Јованов и Ерон Белули, за библиотечна дејност: проф. д-р Солзица Поповска, д-р Иван Заров и проф. д-р Шенер Билали.

Министерот Љутков, како што се наведува, изрази уверување дека на крајот ќе добиеме програма која ќе донесе нов и повисок квалитет на културните содржини во државава. Тој истакна дека годинава ресорното министерството изготви и Упатство за утврдување на видовите на проектите, условите за учество, мерилата и критериумите за оцена на проектите во кое јасно и прецизно се утврдени видовите на проектите што ќе бидат поддржани, како и приоритетите за 2025 година, што ќе придонeсe за квалитативно оценување на проектите. мд/са/

Фото: Министерство за култура и туризам

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан