• недела, 22 декември 2024

Љубојно, заштитена споменична целина од која извира љубов

Љубојно, заштитена споменична целина од која извира љубов

Ресен, 31 март 2024 (МИА) - Во Љубојно, село прогласено од Министерството за култура како заштитена споменична целина, се доаѓа само од северната страна на светот, по пат кој селото го поврзува со Ресен и Битола, а преку нив со цела држава.

За името Љубојно, постојат две легенди велат нашите соговорници, па така според едната, името на селото доаѓа од зборот љубов, а другата според извесен жител на селото Љубо. Имено, во годините на формирање на населбата, или во почетокот на 14. век, сите што се доселувале во селото влегувале со голема љубов, и затоа некој од месното население, селото го нарекол Љубојно. Втората легенда се поврзува со младиот Љубо, кој бил многу силен и заштитник на луѓето, а тиа во знак на благодарност го овековечиле неговото име Љубо во Љубојно.

За време на нашата седенка во центарот на селото, од група возрасни домаќини дознавме дека куќите во Љубојно најголема промена имале по завршувањето на Илинденското востание кога во тој период биле изгорени до темел, но токму од тогаш почнува градбата на нови куќи. Локалното население ги користи најдостапните материјали, делкан камен, малтер, чамова граѓа, ќерамиди и со мали прозорци на куќите.

Во својата книга „Љубојно, љубов наша“, Стојан Лембо, како еден од публицистите кои пишувале инспирирани од природните реткости на преспанското село, посочува дека современата љубанска куќа е од типот на градските современи куќи со сите удобности потребни за современ балкански живот.

Прошетката низ Љубојно дополнително ни ги потврди анализите, а погледите и фотоапаратот не ни дозволуваа брзо да чекориме низ селото.

- Селово е се попразно, ни вели Јованка М., ама за време на празници и слави, од коли нема каде да поминиш. Порано, заедничка љубанска слава до 1943 година беше „Свети Атанас“ и оваа слава ја славеше целото село, но во знак на жалост и почит на жртвите од Втората светска војна, кои токму во таа 1943 година ги положија своите млади животи, славата беше откажана. Од тогаш, наваму, славите и имендените во селото ги организираме поединечно во секое семејство, со сите обичаи, со одење в црква и свечен ручек или вечера, нагласи нашата соговорничка.

Најпосетена за радост и жалост е црквата „Свети Јован“ која е изградена во 1861 година и се наоѓа во центарот на селото. Црквата била опожарена за време на Илинденското востание, во 1903 година, а обновена во 1921 година. Градбата е во стилот на трикорабна базилика со купола издигната на гамбур. Во внатрешноста на западната страна има галерија, а на исток завршува со апсида. Ѕидовите се ѕидани од камен, а сводовите се од дрвена конструкција. За развојот на средновековната црковна архитектура Преспа заедно со Љубојно имаат најголемо значење во 10. век, кога истата била центар на државната и духовната власт на Самоиловата држава, информираа експерти на битолскиот Музеј, надлежен за заштита на културното наследство.

Во Љубојно одсекогаш најбројни биле младите, децата кои ги играле најсаканите детски игри: долга магарица, куцо петле, котка, качи клечка, помина осата, б”з, пушти камче и други... Освен со учество на детските игри, најмладите редовно го посетувале училиштето изградено во 1907 година, првото и најубавото во Преспа.

-Јас учев во ова училиште. Ден денес памтам со какво задоволство одевме во училиштето и учевме. Не го спуштавме погледот од нашите учители. Голтавме се што ќе ни кажеа. Убаво зборуваа. Бевме многу ученици, чинам повеќе од 800 кои учеа на македонски јазик. Нашите родители велеа светна сонцето на слободата, за прв пат се отвори училиште на нашиот мајчин јазик. Прво во Преспа. Во нашето слободно село добивме свое училиште со свои учители. Првата генерација ученици ја изучија учителите Методија Јовковски и Богоја Ничевски од Љубојно, Александар Хаџиевски од Ресен и Марика Манева од Битола. Во 1945 година, училиштето под патронат на македонскиот публицист и револуционер „Димитар Влахов“ прерасна во петтолетка. Во 2004 година на 2 август во чест на многубројните генерации, високо стручни кадри излезени од училиштето, поставивме спомен плоча за сеќавање и неизмерна благодарност на сите, и таа е тука, на фасадата од училиштето, ни рече Танас Калевски, жител на Љубојно.  

Училиштето „Димитар Влахов“ како македонско образовно светилиште, наскоро ќе биде модерен Центар за промоција на Љубојно, Преспа, на македонскиот јазик, култура и македонскиот идентитет. Како генерација, вели министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска, го исполнуваме аманетот за зачувување и на архитектонското наследство што како вредност го има ова старо училиште во историјата на македонската уметност, како и долгот кон просветителската и општествената улога што Училиштето ја има за едукација на македонскиот народ.

- Училиштето во иднина ќе биде мултимедијален центар во кој ќе има можност да доаѓа пошироката популација и да ги користи дигиталните материјал врзани за различни лингвистички моменти. Ќе има простор за организација на различни настани, конференции, работилници, предавања за деца и други можности. Исто така ќе има изложбен простор со фотографии од поранешни генерации на ученици кои се школувале во училиштето, записи од минатото, авторски трудови посветени на Преспа и регионот, а во дворот непречено ќе се престојува и ќе се организраат за традиционални манифестации и адети, појасни Мери Стојановска, директорка на НУ Завод и Музеј-Битола.

Пролетната прошетака низ Љубојно ја привршувавме со уште еден важен податок, фактот дека во последниве години селото е највесело и најпривлечно на Илинден, како што ни рекоа, на тој величествен ден на сенародниот македонски копнеж за борба и слобода. На Илинден во Љубојно се игра и се пее, се чувствува топло гостопримство и средечност кај сите што доаѓаат да се сретнат со своите пријатели, роднини...да ги погледнат своите огништа. За време на Љубанските средби, во Љубојно доаѓа народ од сите страни на светот, а така ќе биде и оваа година кога пак ќе се зборува за едно од ретките села со девет цркви, село кое уште во 1950 година домовите се осветлуваа со електрична енергија, село на академски граѓани и прво село во Преспа каде на 15 ноември 1944 година, за прв пат во историјата на македонскиот народ проработи училиште на свој мајчин-македонски јазик. И, уште нешто...во книгата „Љубојно љубов наша“, авторот Стојан Лембо напишал и тоа дека Наум Начевски е првиот љубанец, новинарски дописник во Атина и Њујорк, Славе Николовски-Катин е прв љубанец кој добил високо новинарско признание, а Бошко Рајчевски и Владо Пашариковски се првите љубанци кои во Детроит-САД отвориле радио и телевизиски час на македонски јазик.

Марјан Танушевски

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан