• петок, 22 ноември 2024

Јуни 2024 година постави нови температурни рекорди, загрижувачки знаци за климатските промени

Јуни 2024 година постави нови температурни рекорди, загрижувачки знаци за климатските промени

Лондон, 8 јули 2024 (МИА) - Поради емисијата на стакленички гасови добиени од човековите активности, нови температурните рекорди на светско ниво се поставуваат повеќе од година дена: јуни 2024 година стана најтопол јуни некогаш измерен и го собори рекордот од 2023 година,соопшти европскиот опсерваториум Коперник.

Коперник е програма на Европската Унија за набљудување на Земјата и нејзината околина, нудејќи информациски услуги базирани на сателитски набљудувања и земни податоци. Програмата е координирана и управувана од Европската комисија во соработка со земјите членки, Европската вселенска агенција (ESA), Европската организација за искористување на метеоролошки сателити (EUMETSAT), Европскиот центар за среднорочни временски прогнози (ECMWF), агенциите на ЕУ и Mercator Océan.

Со топлотни бранови во Мексико, Кина и Саудиска Арабија, јуни 2024 година е 13-ти последователен месец со рекордно висока просечна температура во споредба со претходните месеци, објави Коперник. Во текот на изминатите 12 месеци, просечната глобална температура беше највисока некогаш измерена, со 1,64 степени Целзиусови над просечната температура во прединдустриското време од 1850 до 1900 година, кога сечењето шуми и согорувањето фосилни горива сè уште не ја загреваше климата на Земјата.

Јуни 2024 година беше 12-тиот месец по ред со температура повисока за 1,5 степени Целзиусови во споредба со прединдустрискиот период, истакна Карло Буонтемпо, директор на службата за климатски промени на Коперник (C3). Целта на Парискиот договор за климата од 2015 година е да го ограничи порастот на температурата на Земјината површина на 1,5°C повеќе од прединдустриските нивоа. Меѓутоа, со сегашниот ритам на емисија на стакленички гасови, експертите на ОН предвидуваат дека целта од 1,5°C има ограничени шанси да биде постигната до 2030-2035 година.

Освен во Западна Европа каде што температурата во јуни беше блиска или пониска во споредба со периодот од 1991 до 2020 година, остатокот од светот забележа значително повисоки температури. Во Мека, Саудиска Арабија, од жештината починаа над 1300 аџии, а температурата во Големата џамија се искачи до 51,5 степени Целзиусови. Во Грција, Акропол беше затворен поради високите температури од 44 степени. Северниот дел на Кина, вклучувајќи го и Пекинг, се „пржеше“ на температури над 40 степени, додека југот беше погоден од поплави. Разорни поплави ги погодија и Кенија, Авганистан и Франција. Поплавите се се почеста појава во светот како резултат на затоплувањето на климата, кога влажноста на воздухот се зголемува до максимум, а со тоа и потенцијалниот интензитет на врнежите.

Според World Weather Attribution (WWA), смртоносен топлотен бран во САД и Мексико поради климатските промени станал 35 пати поверојатен.

Што се однесува до пожарите, јуни беше најлошиот полугодишен период во последните 20 години во Амазон, кој е погоден од историска суша. Други последици од топлотните бранови се прекините на електричната енергија што ги зафатија Египет, Пакистан и Западен Балкан.  Другите последици од топлотните бранови вклучуваат прекини во снабдувањето со електрична енергија во Египет, Пакистан и Западен Балкан.

Сепак, до крајот на годината се очекува враќање на климатскиот феномен Ла Ниња, кој носи поладни температури, што би можело да доведе до намалување на глобалните температури, според Жулиен Николас, научник во Коперник. Тој објаснува дека температурите во светот до крајот на 2024 година во голема мера ќе зависат од растот на температурата на океаните кои покриваат 70 отсто од површината на планетата.

Зголемената температура на површината на Северниот Атлантик, исто така, придонесе за јачината на ураганот Берил, кој ги погоди Антилите на почетокот на јули.

„Ако и покрај Ла Ниња, овие рекордни температури останат, 2024 година би можела да биде потопла во целина од 2023 година, но рано е да се каже“, рече Николас. ссм/

фото: ЕПА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан