• петок, 05 декември 2025

Јубилејно 40 издание на Ликовната колонија „Дебрца”

Јубилејно 40 издание на Ликовната колонија „Дебрца”

Охрид, 27 јуни 2025 (МИА) – Најстарата меѓународна ликовна колонија во земјава, онаа што се одржува во Дебрца, оваа година го одбележува 40-годишниот јубилеј.

Сето благодарение на ентузијазмот и повеќе децениската посветеност на основачот, ликовниот уметник и педагог,  Ѓорѓи Целески, заслужен за успешноста на колонијата, која е со најбогат фунд уметнички дела во Македонија.

Отворањето на годинешното издание е предвидено за утревечер, во Галеријата на Колонијата во селото Белчишта, седиштето на руралната Општина Дебрца.

За ова издание на Колонијата поканети се 12 афирмирани учесници од земјата и светот, меѓу кои и академскиот ликовен уметник Јордан Манасијески, редовен учесник на Колонијата,  кој неодамна одбележа 50 години ликовно создавање, како и присуство на светската ликовна мапа со изложби во најпознатите ликовни метрополи.

Заедно со Манасијески наредните денови во Дебрца ќе творат уште и Драган Најденовски од Битола, Славица Тамеска од Охрид, Андреј Антевски - Куманово, српските уметтници Мирослав Крунич и Иван Коциќ, потоа  Никола Ненезиќ од Црна Гора, Красимира Друмева од Бугарија, Павлина Боботанова и Ѓулај Ѓуксел  од Турција, Анастас Констандини – Тасо од Албанија и канадскиот ликовен уметник Мајкл Клос.

Галеријата на Интернационалната уметничка колонија „Дебрца” ја красат над 700 ликовни дела од врвни уметници од Македонија, меѓу кои и академик  Димче Коцо, како и десетици познати ликовни дејци од  светот. аб/дма/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан