• вторник, 11 февруари 2025

Јубилејно издание на Абецедарот - Буквар за македонските деца во Грција

Јубилејно издание на Абецедарот - Буквар за македонските деца во Грција

Скопје, 10 февруари 2025 (МИА) - Во издание на „Матица македонска“ од Скопје излезе од печат јубилејно издание на Абецедарот - Буквар за македонските деца во Грција, објавен во 1925  години во Атина.

- Ова дело е драгоцен документ за македонската лингвистичка наука, а уште повеќе за македонската историографија. Абцедарот е печатен на хрватска латиница на леринско-битолско наречје. Всушност тој е првиот документ пишуван по Речникот на Џанели од шеснесетиот век и Даниловиот четиријазичник од деветнаесеттиот век, пишуван на македонски  народен јазик, соопшти „Матица македонска“ од Скопје.

Грчкиот публицист и специјалист за балканските прашања Никос Зарифис излегувањето од печат на Букварот го оценува како вонреден настан во животот на малцинствата во Грција. Во весникот „Елфтерон Вима“ од 19 октомври 1925 година, пишува: „Имаме веќе готов буквар  за словеногласните, за што грижливо се погрижија и добросовесно работеа специјалистите Г. Г. Папазахариу Сајакис и Лазару. Тоа е дело кое наспроти тешкотиите за неговото составување, претставува прирачник за употреба...“

Абецедарот  бил испратен во некои околии од Западна Егејска Македонија (Костурска, Леринска и Воденска) и соодветните училишта преземале мерки за учење на македонските деца до четврто одделение на македонски јазик. Меѓутоа, грчките влади  никогаш искрено не пристапуваа кон решавање на прашањето на Македонците и нивните национални права  во Грција.

-Абецедарот е едно силно сведоштво, не само за постоењето  на многубројното  македонско национално малцинство во Грција, туку и за фактот, дека Грција била принудена од Друштвото на народите да преземе одредени задолженија за задоволување на правата на македонското  малцинство, се наведува во соопштението. мд/са/

Фото: „Матица македонска“ од Скопје

Остани поврзан