ЈП „Чистота и зеленило“ поставува полуподземни контејнери на седум локации во Куманово
- Јавното претпријатие „Чистота и зеленило“ продолжи со поставување на полуподземни контејнери за комунален смет на различни локации во општина Куманово, соопштија на денешната прес-конференција надлежните од претпријатието. Во наредниот период ќе бидат поставени нови контејнери на вкупно седум локации.

Куманово, 2 април 2025 (МИА) - Јавното претпријатие „Чистота и зеленило“ продолжи со поставување на полуподземни контејнери за комунален смет на различни локации во општина Куманово, соопштија на денешната прес-конференција надлежните од претпријатието. Во наредниот период ќе бидат поставени нови контејнери на вкупно седум локации.
- Вчера беше поставување на локалитет „Сума“, претходно на градските гробишта и улица „11 Ноември“ и ќе продолжиме и на останатите локации кои ги добивме од Секторот за комунални дејности при Општина Куманово, улиците „Боро Прцан“, „Гуцман“ „Тоде Думба“, „Трета МУБ“ како и „Моша Пијаде“, изјави директорот на ЈП, Ненад Стојановски.
Полуподземните контејнери одат во пар и имаат значителен капацитет за собирање на смет, поедноставни се за одржување и се скратува времето на собирање на сметот со возилата на ЈП „Чистота и Зеленило“, што пак придонесува да не се создава сообраќаен метеж. Овие садови за смет имаат капацитет од пет кубни метри и заменуваат шест обични контејнери. Надлежните апелираа до граѓаните да не ги оштетуваат садовите за смет, а пак инспекциските служби да ги казнат несовесните кумановци.
Во меѓувреме заврши и петдневната акција за собирање на кабаст отпад која се одвиваше согласно насоките на Министерството за животна средина и просторно планирање. Надлежните се задоволни интересот што го пројавиле граѓаните за бесплатното одлагање на отпадот на локациите во населбите Перо Чичо и Карпош и на т.н. „Романовски пат“. Неколкудневна акција ќе се реализира и во текот на месецов, но допрва ќе бидат објавени локациите. ам/са/
Фото: МИА