• четврток, 14 ноември 2024

ЈП Лајка: Скопје се соочува со неприроден прилив на бездомни кучиња

ЈП Лајка: Скопје се соочува со неприроден прилив на бездомни кучиња

Скопје, 22 август 2024 (МИА) – Јавното претпријатие Лајка посочува дека Скопје се соочува со неприроден прилив на бездомни кучиња, на локации каде имаат прецизен увид на постоечката популација.

Во соопштението наведуваат дека ваквиот наплив невозможно е да го направи поединец, туку како што велат, се работи за логистички наплив. 

– Повеќе од очигледно е дека станува збор за организирано дислоцирање на кучиња. Неретко станува збор за големи раси на кучиња. Голем дел од нив се недоверливи и ова не е карактеристично за кучиња од градска средина. Овој наплив логистички е речиси невозможно да го направи поединец. За ова сведочат и дел од граѓаните, велат од ЈП Лајка.

Додаваат дека жители на скопските општини Аеродром и Ново Лисиче сведочеле за истоварање на група кучиња во нивните населени места.

– Еден жител на Лисиче, кој побара анонимност, сподели дека бил сведок на истоварање на околу дваесетина кучиња од комбе со кумановски регистарски таблици во темните улички зад средното училиште СУГС „Владо Тасевски“, се наведува во соопштението.

Апелираат до граѓаните доколку видат активности од ваков тип да пријават во ЈП Лајка и доколку се во можност да го документираат истото со фотографии. 

 – Неопходно институциите и општините да го покренат ова прашање, воспостават контролни механизми за превенција и дејствување. Не може да има решение на проблемот доколку не се превенира човечката неодговорност која е клучен фактор и доколку во град Скопје секојдневно наидуваме на нови репродуктивно способни единки, исфрлени по улиците, велат од ЈП Лајка. ра/са/

Фото: ЈП Лајка

 

 

Остани поврзан