• петок, 15 ноември 2024

ЈП Дрисла се модернизира за побрзо третирање на отпадот

ЈП Дрисла се модернизира за побрзо третирање на отпадот
Скопје, 17 март 2022 (МИА) – Јавното претпријатие Дрисла се модернизира со нова градежна механизација која ќе овозможи побрзо третирање на отпадот и поголема заштеда, информираа од Град Скопје. Како што соопштуваат станува збор за два булдожери и два натоварувачи со што значително ќе се подобри третирањето на отпад во депонијата. -Претпријатието Дридла дејност обавуваше со стара опрема што бараше постојано сервисирање, а во исто време за соодветно да се спроведува третирањето на отпад се изнајмувале машини од надворешни компании со што огромни биле трошоците во претпријатието за оваа намена. Сега значително се заштедуваат средства што се одвојувале за постојано сервисирање и изнајмување, а и значително ќе се подобри и забрза третирањето на отпад, е наведено во соопштението. Од Град Скопје велат дека со оваа механизација изнајмувањето градежни машини од надворешни фирми, за што се издвојувале големи финансиски средства, сега е минато. За директорот на Дрисла, Јане Мицевски оваа инвестиција е важна бидејќи се спречува еколошко жариште во градот. -Четирите машини со вредност од околу 30 милиони денари се според европските и светски стандарди за квалитет на градежната опрема и за емисија на издувни гасови, со што се овозможува не само заштеда на гориво туку и подобрување на работните процеси и услугите за граѓаните. Градежните машини кои се користеа досега се стари, амортизирани и во многу лоша состојба, постојано се случуваат дефекти кои секојдневно се сервисираат во рамките на можностите. Со новата механизација ќе имаме континуитет во работењето и ќе го забрзаме процесот со цел да се превенира создавање на еколошко жариште, смета Мицевски. Инвестицијата во механизација на Дрисла е продолжување на модернизацијата на ова претпријатие каде пред две недели беше пуштен во употреба и стерилизаторот за медицински отпад.свс/дма/

Остани поврзан