ЈО поведе истражна постапка против косовски државјанин во чиј дом во Кондово се пронајдени оружје и муниција
- Основното јавно обвинителство Скопје донесе наредба за спроведување истражна постапка против 37-годишен државјанин на Косово со престојувалиште во Кондово, за кого постои основано сомнение дека сторил кривично дело „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи“.
Скопје, 19 јуни 2023 (МИА) - Основното јавно обвинителство Скопје донесе наредба за спроведување истражна постапка против 37-годишен државјанин на Косово со престојувалиште во Кондово, за кого постои основано сомнение дека сторил кривично дело „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи“.
На 18 јуни, како што соопшти денеска Јавното обвинителство, при претрес во објектот во кој престојувал осомничениот, полицијата открила поголемо количество огнено оружје и муниција, вклучувајќи и оружје, муниција и експлозивни материи кои на граѓаните им се забранети.
- Кај него бил пронајден рачен ракетен фрлач „РБР 64mm, M80”, кој преставува бесповлечно противоклопно ракетно средство за еднократна употреба познат како „ЗОЉА” од југословенско производство, како и три рачни бомби, од кои две фрагментирачки рачни бомби од типот „RGD-5” и една дефанзивна рачна бомба од типот “F1” од кинеско или од источноевропско производство, информираат од Обвинителството.
Како што се наведува во соопштението, полициските службеници пронашле и еден пиштол за светлосно звучна сигнализација „BLOW AUTOMATIC F92“ калибар 9 милиметри, еден дел од пиштол – рам од оружје за светлоснo-звучна сигнализација, четири шаржери од кои три со по 30 куршуми, а еден со 20 куршуми со калибар 7,62х39 милиметри, 6 патрони од ловна муниција со калибар 12 милиметри од разни производители, наменета за испалување од ловни огнени оружја, како и уште вкупно 164 куршуми од различен калибар, вклучувајќи и боева муниција, муниција изведена со панцирно пробивни, запалливи и трасирачки проектили и муниција изведена со експандирачки проектили.
Бидејќи постои опасност од бегство и можност осомничениот да го повтори делото, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје доставил предлог за определување мерка притвор. дма/сп/
Фото: МИА Архива