• вторник, 19 ноември 2024

ЈОРМ: Нема поврзаност на приведениот со дојавите за бомби во средните училишта

ЈОРМ: Нема поврзаност на приведениот со дојавите за бомби во средните училишта
Скопје, 3 ноември 2022 (МИА) - Лицето кое синоќа беше приведено поради постоење на сомнение за поврзаност со заканите за поставени бомби во неколку средни училишта, е пуштено на слобода откако по извршениот распит и претрес во неговиот дом, првичните вештачења не покажале негова поврзаност со испратените пораки, потврдуваат за МИА од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија.
Како што посочуваат од ЈОРМ, откако лицето од страна на СВР Скопје било лишено од слобода, известен е јавен обвинител кој во интерес на ефективно постапување, веднаш до судијата на претходна постапка доставил барање за претрес на домот на лицето и одземање на електронските уреди од кои потенцијално би можеле да бидат испратени пораките.
-Во текот на измината вечер по напатствија на јавниот обвинител се извршени сите неопходни дејствија со цел да нема дополнително задржување на лицето. Со оглед дека првичните вештачења не покажаа поврзаност на лицето со испратените пораки, лицето по извршениот распит е пуштено на слобода, стои во изјавата за МИА на ЈОРМ.​
Од МВР, претходно, денеска, за МИА потврдија дека со лицето кое синоќа беше приведено во врска со случајот е извршен распит и претрес во неговиот дом.
– Со лицето е извршен службен разговор, во координација со Јавното обвинителство извршен е претрес во дом, одземени се предмети за вештачење и се преземаат мерки за расчистување на случајот, потврдија од МВР за МИА.
Платформата именувана како Conservative.mk синоќа на нивниот фејсбук-профил објави дека приведеното лице за наводна поврзаност со заканите за поставени бомби кои ги добија неколку средни училишта во Скопје e нивен член и активист Никола Николовски, за кој тврдат дека е неправедно уапсен.
-Одговорно тврдиме и демантираме дека нашиот член Никола има каква било поврзаност со овие настани. Никола е пред се’ општествено одговорен граѓанин, активист на Conservative.mk кој е активно вклучен во борбата против дезинформациите и fake news, кој со гордост ја претставувал Македонија на многу настани, натпревари и конференции, вклучително и во Европскиот Парламент, пишува на нивниот фејсбук статус.
Според платформата, ова е класичен напад врз слободата на говор, демократијата и начин како да се притиснат неистомислениците, затоа ќе се погрижат настанот да биде целосно расветлен пред органите, а вистинските лица кои стојат позади, како што наведуваат, овој нарачан напад да понесат целосна одговорност.
Главната цел на CONSERVATIVE.mk, како што стои на нивната веб страница е обединување на граѓаните кои веруваат во фундаменталните вредности на зголемување и подобрување на квалитетот на демократијата, здравата животна средина, слободниот пазар, класичниот либерализам, конзерватизмот и другите слични заложби и идеологии.
Министерството за внатрешни работи во текот на вчерашниот ден доби пријави од девет училишта на територија на Скопје дека на нивните електронски адреси добиле порака со закана за поставена бомба, а по завршените антитерористички проверки соопшти оти е утврдено дека станува збор за лажни пријави.
Повеќе училишта и минатата недела неколку дена по ред на нивните електронските адреси добиваа дојави за бомби, кои по проверката од страна на МВР се утврди дека се лажни пријави. вг/ац/

Остани поврзан