• сабота, 21 декември 2024

Јапонскиот премиер го откажа планираното патување поради зголемен ризик од потенцијално силен земјотрес

Јапонскиот премиер го откажа планираното патување поради зголемен ризик од потенцијално силен земјотрес

Токио, 9 август 2024 (МИА) - Јапонскиот премиер Фумио Кишида го откажа планираното четиридневно патување во Казахстан, Узбекистан и Монголија бидејќи е зголемен ризикот од потенцијално силен земјотрес во голема област на Тихиот Океан во близина на централна Јапонија.

Јапонската метеоролошка агенција го издаде првото такво советување за областите околу коритото Нанкај, неколку часа по земјотресот со јачина од 7,1 степени според Рихтеровата скала што вчера го погоди југозападниот дел на земјата.

Откако присуствуваше на мировната церемонија во Нагасаки по повод 79-годишнината од американското атомско бомбардирање, Кишида на прес-конференција во градот рече дека го откажал патувањето во странство за да „се фокусира на одговорот на владата и ширењето на информациите“ за потенцијалниот голем земјотрес.

„Како висок функционер задолжен за управување со кризи во земјата, како дополнителна претпазливост морам да останам во Јапонија најмалку околу една недела“, рече Кишида. Метеоролошката агенција ја повикува јавноста да се подготви за „такво сценарио“.

Вечерва се очекуваше тој да присуствува на првиот самит на Јапонија со централноазиските држави Казахстан, Киргистан, Таџикистан, Туркменистан и Узбекистан во Астана, главниот град на Казахстан, и да издаде заедничка декларација. паг/

Фото: ЕПА

Остани поврзан