• петок, 27 декември 2024

Јапонскиот парламент го избра Шигеру Ишиба за нов премиер

Јапонскиот парламент го избра Шигеру Ишиба за нов премиер

Токио, 1 октомври 2024 (МИА) - Јапонските пратеници денеска официјално го избраа Ишиба Шигеру, лидер на Либерално-демократската партија (ЛДП), кој ја предводи коалицијата со мнозинството во горниот и долниот дом на парламентот, за нов премиер.

Ишиба (67) досега беше на неколку функции во владата, меѓу кои и министер за одбрана, а пред да стане лидер на партијата беше во извршната власт на ЛДП, јавуваат јапонските медиуми.

Тој подоцна денеска официјално ќе го формира својот кабинет и ќе ги изнесе приоритетите на новата влада.

Кабинетот на Ишиба ќе биде официјализиран во текот на вечерта, по церемониите што ќе се одржат во Царската палата.

Претходно денеска, кабинетот на јапонскиот премиер во заминување Фумио Кишида поднесе колективна оставка на денешната владина седница.

Кишида, кој претходно се повлече од претседателската кандидатура на владејачката Либерално-демократска партија (ЛДП), помина на функцијата 1.094 дена, што го прави осмиот јапонски премиер со најдолг стаж по војната.

Ишиба, новиот премиер на Јапонија, победи на претседателските избори на Либерално-демократската партија (ЛДП) минатата недела, а вчера најави дека на 27 октомври ќе се одржат вонредни избори во земјата.

Специјалните избори, кои ќе се одржат една година пред редовните и непосредно пред претседателските избори во САД во ноември, ќе одлучат која партија ќе го контролира долниот дом на јапонскиот парламент. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан