• четврток, 21 ноември 2024

Јапонскиот амбасадор Хиронори им врачи награди на младата поетеса и нејзиниот ментор од ОУ „Лазо Трповски“

Јапонскиот амбасадор Хиронори им врачи награди на младата поетеса и нејзиниот ментор од ОУ „Лазо Трповски“
Скопје, 3 јуни 2022 (МИА) - Седмоодделенката Лара Станчева и нејзиниот ментор Стефан Симовски од ООУ „Лазо Трповски“ ја примија наградата која лично им ја додели амбасадорот на кралството Јапонија Савада Хиронори, во рамки на пригодната свеченост која се одржа денеска во ова основно училиште во Карпош. Станчева го освои третото место на Меѓународниот литературен натпревар за млади 2021 што традиционално се одржа во јапонскиот главен град Токио. Притоа, оваа награда е освоена во силна конкуренција, имајќи предвид дека на натпреварот учествуваа 28 217 учесници од 161 земја. На манифестацијата присуствуваше и одговорното лице од Одделението за образование при Општина Карпош, Анета Марковска, како и советникот Славко Митевски. Во оваа пригода, директорката на ООУ „Лазо Трповски“, Соња Јовановска, ги поздрави присутните при што посочи дека и претставува особено задоволство што основците и професорот од ова училиште се добитници на едно вакво престижно меѓународно признание. Во рамки на овој свечен чин, амбасадорот Хиронори истакна дека е среќен што денеска се наоѓа во оваа образовна институција во Карпош и дека му претставува задоволство да ги врачи лично, наградите од Меѓународниот конкурс за есеи кој се одржа во Јапонија. - За својот есеј, Лара Станчева беше инспирирана од зборовите на Мајка Тереза „Светот не е гладен само за леб, туку уште повеќе за љубов и почит“. Тоа ме импресионираше мене, а верувам и многу други луѓе од мојата земја. Амбасадата на Јапонија во Скопје промовира културни размени со Северна Македонија, вклучувајќи ги младите. Сигурен сум дека вашиот успех придонесува кон зајакнување на нашето пријателство и не охрабрува да продолжиме со овие активности. Токму затоа се надевам дека ова училиште ќе продолжи да ги мотивира и да ги поттикнува основците на креативност, резимираше амбасадорот Хиронори. Со прозни лични творби напишани во форма на есеи на тема „Смислата на животот“, покрај наградената Лара Станчева учествуваа и нејзините соученички Тамара Ѓоќеска и Милена Милошевска за што добија од амбасадорот Хиронори, сертификати за учество на овој реномиран меѓународен натпревар. Покровител на овој настан е министерот за образование, култура, спорт, наука и технологија на Јапонија, а организатори се УНЕСКО и фондацијата ГОИ од Токио. Натпреварот се одржува во рамки на одбележувањето на „Деценијата на Обединетите нации за одржлив развој на образованието“, а овој глобален проект се реализира до 2020 до 2030 година, каде што активно се вклучени сите земји – членки на УНЕСКО. мч/ац/

Остани поврзан