• вторник, 14 јули 2026

Јапонската вселенска агенција го изведе првиот пробен лет на ракета за повеќекратна употреба

Јапонската вселенска агенција го изведе првиот пробен лет на ракета за повеќекратна употреба

Токио, 11 јули 2026 (МИА) – Јапонската експериментална ракета за повеќекратна употреба денеска полета и безбедно слета за време на својот прв пробен лет.

Јапонија бара начин да ги намали трошоците за лансирање и да ја зголеми сопствената конкурентност на глобалниот вселенски пазар, со кој доминира американската компанија „СпејсИкс“.

Ракетата „РВ-Икс“ (RV-X) полета, лебдеше и се движеше хоризонтално пред да слета за време на својот лет кој траеше помалку од една минута во Тест-центарот Ноширо на Јапонската агенција за аеронаутика и вселенско истражување (ЈАКСА) во североисточниот дел на Јапонија, кој во живо го пренесуваше „НВС“ (NVS), група љубители на вселената.

Ракетата леташе според планот, издигнувајќи се 11 метри и движејќи се хоризонтално 16 метри, додека ја задржуваше исправената положба пред слетувањето, изјави Такаши Ито, раководител на проектот за ракети за повеќекратна употреба, на онлајн брифинг од тест-центарот.

Јапонија настојува да ја достигне технологијата што компанијата „СпејсИкс“ на Илон Маск ја користи веќе неколку години за да ги намали трошоците за лансирање и испорака на товар во вселената.

Денешниот лет е чекор напред за Јапонија во постигнувањето на технологијата потребна за развој на поевтин наследник на нејзиниот моментален главен потпирач, серијата ракети за еднократна употреба „Х3“ (H3).

Јапонската ракета „Х3“ е дизајнирана да биде поекономична од нејзината претходна серија „Х-2А“, која имаше речиси совршен успех, но потребно ѝ е дополнително намалување на трошоците за да може да конкурира на глобалниот вселенски пазар.

Јапонската влада наведува дека стабилниот, комерцијално конкурентен транспортен капацитет е клучен за вселенската програма на земјата и за националната безбедност.

Новата ракета „РВ-Икс“, која е со дијаметар од 1,8 метри и должина од 7,3 метри, е опремена со мотор со подобрена издржливост и има четири амортизери за апсорпција на ударот.

Планирано е оваа ракета на следниот пробен лет да биде испратена на поголема висина од околу 100 метри. јт/

Фото: НВС скриншот