• вторник, 19 ноември 2024

Јаневска: Очекувам сите училишта да имаат греење

Јаневска: Очекувам сите училишта да имаат греење

Скопје, 15 октомври 2024 (МИА) - Министерката за образование и наука Весна Јаневска очекува сите училишта да имаат греење. Како што изјави денеска, на општините им се исплатени блок дотациите, па на градоначалниците, но и на школите и директорите е да се организираат, за да нема проблеми во однос на грејната сезона.

Одговорајќи на новинарско прашање во врска со вчерашната реакција на градоначалникот на Карпош Стевчо Јакимовски кој повика Владата да го плати заостанатиот долг за греење на основните училишта во оваа општина, Јаневска изрази верување дека „тој е многу способен и ќе најде начин да ги затопли училиштата“.

-Министерството за обарзование и наука (МОН) дава блок дотации до општините. Блок дотациите им ги исплативме на општините и нема што дополнително да даваме. На градоначалниците, училиштата и директорите е како ќе се организираат за да ја спроведат грејната сезона, така што ова не е прашање што треба да се упати до МОН, нагласи Јаневска по прес-конференцијата за реконструкција на државните студентски домови.

Според неа, ако Јакимовски има дополнитлени барања, „треба да се обрати таму каде што треба, а не до МОН“.

-Очекувам сите училишта да имаат греење, зашто е невозможно без греење да се учи. Верувам дека градоначаникот кој е многу способен, ќе најде начин да ги затопли училиштата, децидна е министерката. 

Јакимовски вчера ја повика Владата да ги покрие трошоците за греење на општинските основни училишта во висина од 8,3 милиони денари, зашто локалната самоуправа, рече, не е должна да го прави тоа. Јакимовски нагласи дека минатата година за децата да не останат без греење, Општината издвоила шест милиони денари зашто, исто така, Владата не сакала да ги плати сметките. мч/аа/

фото/видео: МИА 

Остани поврзан