• понеделник, 18 ноември 2024

Јакимовски: Годинава имаме развоен буџет кој ќе овозможи реализација на ветеното

Јакимовски: Годинава имаме развоен буџет кој ќе овозможи реализација на ветеното

 Скопје, 6 јануари 2023

Општина Карпош годинава ќе има развоен буџет кој ќе овозможи реализација на ветеното, најави градоначалникот Стевчо Јакимовски во обраќањето до карпошани при што со задоволство соопшти дека минатата година успешно е стабилизиран буџетот, а во исто време остварени се солидни приходи од 560 милиони денари, што овозможува годинава драстично да се зголемат одредени ставки од буџетот.

- Буџетот за 2023 година е 519 милиони денари. Со задоволство можам да кажам дека е развоен. Второ задоволство што можам да изразам е дека речиси во целост ја остваривме нашата замисла 2022 година да биде стабилизациона, односно од 5,5 милиони евра долг, на почетокот на оваа година имаме само 160.000 евра. Го стабилизиравме буџетот, па сега за оваа година имаме развоен буџет поради што некои ставки од буџетот драстично се зголемени во однос на претходните години. За општинската зграда лани имавме одвоено само три милиони, годинава се издвоени 22,5 милиони денари. Очекувам дека овие средства ќе бидат доволни да ги направиме приземјето и првите два ката. Драстично зголемување имаме и кај фасадите. Претходно немавме средства за оваа намена, годинава одвоивме 18.5 милиони. Тројно зголемување во ставките имаме и кај градинките и училиштата. Од пет на 15,7 милиони денари. За фекални и атмосферски канализации исто така три пати се зголемени ставките. За одржувањето на улиците зголемувањето е од четири на седум милиони. За одржување на зеленилото од три милиони, годинава имаме двојно зголемување на шест милиони. За реконструкција на улиците имаме зголемување од три на десет милиони, како и за нова урбана опрема, лани имавме милион, а сега имаме 3,5 милиони денари. Годинава сметаме дека ќе ја намалиме потрошувачката на електрична енергија со воведување на штедливи сијалици. Па така од ланските 40 милиони денари, за годинава предвидуваме 29 милиони денари. Оваа и во следните две години ќе инвестираме во штедливи сијалици, па така до крајот на овој мандат планираме сите светилки да бидат лед. Општина Карпош ќе има целосно автоматизирано осветлување што ќе биде управувано од еден центар. Зголемени се и средствата за полагање возачки испит од 4,1 милиони на 5 милиони, тоа значи дека годинава ќе можеме да ги покриеме целосно трошоците за обука за полагање возачки испит. Во 2022 година имавме приходи од 560 милиони денари. Успеавме да оствариме добри приходи за функционирање на општината и покрај антиградежната хистерија. На општината и недостасуваат околу 2 милиони евра за да можеме да имаме извонредна активност во делот на санација и изградба и реконструкција на инфраструктура, фасади и се што е потребно во општина Карпош, рече Јакимовски.

Градоначалникот им се заблагодари на разбирањето на сите граѓани кои имаа потреби и очекувања уште во првата година да се оствари програмата од изборите.

Одделение за односи со јавноста

ОПШТИНА КАРПОШ

_____________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Тагови

Остани поврзан