• понеделник, 23 декември 2024

Јакимовски: Владата да го плати заостанатиот долг за греење на основните училишта во Карпош

Јакимовски: Владата да го плати заостанатиот долг за греење на основните училишта во Карпош

Скопје, 14 октомври 2024 

Градоначалникот на општина Карпош Стевчо Јакимовски ја повика Владата на Република Македонија да ги покрие трошоците за греење на општинските основни училишта во висина од 8.3 милиони денари, затоа што локалната самоуправа не е должна да го прави тоа. Јакимовски нагласи дека минатата година за децата да не останат без греење, општината издвои 6 милиони денари за оваа намена затоа што исто така Владата не сакаше да ги плати сметките. Тој се чуди, како централната власт си дозволува да одвои 36 милиони евра за споменикот на Мајка Тереза, но нема пари да си ги плати основните трошоци за да функционираат основните училишта.

- Локалната самоуправа само управува со основните училишта, а сите обврски кон училиштата ги покрива Владата, односно министерството за образование. Тие ги исплаќаат средствата преку т.н. блок дотации, кои што стигаат до општината,а ние само ги пренесуваме до училиштата. За жал, средствата што ги исплаќаат од министерството за образование до училиштата, ни од далеку не достасуваат за основните потреби на училиштата, а тоа е да се покријат основните трошоци за електрична енергија, да ги покријат трошоците за парно, за ѓубретарина, за вода и тн. Не станува збор за тековно и инвестиционо одржување. Сето тоа го покрива локалната самоуправа, а ние имаме обврска само да управуваме. Сето е на терет на Владата на Р. Македонија. Така стои во законот. Долговите на основните училишта на територија на општина Карпош изнесуваат вкупно 8.303.000 денари. Што тоа значи? Минатата година ова време, општина Карпош од својот Буџет одвои 6 милиони денари, и исто вака покри трошоци за греење на училиштата. Оваа година, гледате колку помалку има платено министерството за образование на училиштата за нивно нормално функционирање. Јас се обратив до министерството, а тие ми рекоа дека немаат денар пари, како знам да се снаоѓам. Е сега мене не ми е јасно. Како имаат пари за споменикот на Мајка Тереза 36 милиони евра, а да си ги платат основните трошоци за да функционираат основните училишта, за тоа немаат пари. Навистина е чудно. Јас и порачувам на Владата и на премиерот да го напуштат популизмот, бидејќи се нафатиле да водат држава. Ако водат држава, тогаш треба да обезбедат основните функции на државата, во кои што влегува и образованието да може нормално да егзистира и да функционира. Да се тргнат од голиот популизам во кои што сега ќе ги обезбедат тие 5 проценти за покачување на плати, а тоа го обезбедија преку не дозволување на вработување на ниту едно ново, повторувам, ново вработување во делот на образованието. Дали требало наставник, или технички персонал, и практично со тие средства тие вршат зголемување на тие 5 проценти, односно луѓето се спремаат за локални избори. Сакам да им кажам јасно дека локалната самоуправа се потруди максимално да постави скоро на сите училишта фотоволтаици. Сега набавуваме смарт табли, набавуваме и компјутери. Ништо од тоа, освен во времето на Груевски кога сме добиле компјутери, не сме добиле во делот на училиштата. Затоа ги повикувам овие 8 милиони и триста илјади денари Владата да си ги обезбеди и да си ги најде и да си ги плати на училиштата, затоа што локалната самоуправа не е должна ова да го прави, рече Јакимовски.

Со почит,

Општина Карпош

Одделение за односи со јавноста

_______________________________________________________________________________________ 

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Фото: Општина Карпош 

 

Остани поврзан