• понеделник, 23 декември 2024

Јавна расправа по планот за донесување Закон за прогласување на Студенчишко Блато за парк на природата

Јавна расправа по планот за донесување Закон за прогласување на Студенчишко Блато за парк на природата
Охрид, 23 февруари 2022 (МИА) - Во рамки на процесот на прогласување на локалитетот Студенчишко Блато за заштитено подрачје денеска во Големата сала на Општина Охрид се одржа јавна расправа по нацрт-законот за негово категоризирање како парк на природата. Согласно Законот за заштита на природата, во периодот додека трае постапката за прогласување на локалитетот за заштитено подрачје на сила е привремено Решение за негова заштита, одлука на ресорниот министер за животна средина и просторно планирање. Привремената заштита на подрачјето ќе се применува до денот на влегувањето во сила на Законот со кој ќе се прогласи Студенчишко Блато за заштитено подрачје, а кој е во завршна фаза на изработка. Во меѓувреме, Студенчишко Блато е прогласено за водно живеалиште од меѓународна важност според Рамсарската конвенција. За времетраењето на привремената заштита на подрачјето нема да се спроведуваат активности од постоечкиот ГУП на градот Охрид во делот на Урбана Заедница – УЗ 17, Урбан блок – У.Б 17.1, како и изработка и донесување на урбанистички планови и урбанистички проекти, урбанистички проекти за партерно уредување на просторот, спроведување на постапка за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти, спроведување на постапка за трајна пренамена на земјоделско во градежно земјиште, одлагање на шут и комунален отпад, употреба на хемиски заштитни средства и минерални ѓубрива за земјоделски активности, доделување на нови или продолжување на постоечките концесии согласно прописите за концесии и јавно приватно партнерство, прописите за градежно земјиште, како и прописите од областа на лов и риболов и проширување или изградба на нови патишта. Во обраќањето пред присутните на расправата градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, истакна дека остварил средби со сопствениците на земјиштето што се наоѓа околу односната локација на блатото, а било разговарано за начинот на кој е направено зонирањето и што тоа предвидува. - Во меѓувреме присуствував на работни средби во Министерството за животна средина и просторно планирање и таму ја покренав иницијативата за оваа средба затоа што сфатив дека има многу нејаснотии помеѓу ставовите на сопствениците на земјиштето од една и оние кои го предлагаат законското решение од друга страна. На оваа и претходеа и други средби кои јас ги иницирав , со цел на двете страни да им биде јасно како стојат работите. Факт е дека Студенчишкото Блато мора да ја добие онаа форма на заштита што ја заслужува не само поради препораките на УНЕСКО туку затоа што има одреден редок растителен жив свет во блатото кој мора да го чуваме. Токму затоа е и зонирањето на прва, втора и трета зона, порача Пецаков. Тој додаде дека и понатаму ќе стои на располагање за комуникација меѓу двете засегнати страни, нагласувајќи оти единствено преку комуникација и појаснувања на состојбите може да се дојде до квалитетни решенија. аб/сп/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан