• петок, 22 ноември 2024

Јавна расправа за Законот за контрола на индустриски емисии

Јавна расправа за Законот за контрола на индустриски емисии

Скопје, 20 октомври 2022 (МИА)Донесувањето на Законот за контрола на индустриските емисии е голем исчекор кон заштитата на животната средина како целина, како и приближување на нашиот законодавен систем до правото на Европската Унија од областа на индустриското загадување, истакна министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини на јавна расправа денеска, на која беше презентиран  Нацрт-законот за контрола на индустриски емисии.

Според Нуредини, законот целосно и ефикасно ја транспонира Директивата за индустриски емисии 2010/75/EU и ги поставува основните принципи за издавање дозволи и контрола на индустриските инсталации, базирајќи се на интегриран пристап и задолжителна имплементација на Заклучоците за најдобри достапни техники.

-Во однос на  големите индустриски капацитети што подлежат на А- Интегрирани дозволи, Законот овозможува подетално регулирање на поставените услови во дозволата, а што е особено важно за помали капацитети  што подлежат на Б - Интегрирани дозволи се воведуваат секторски, општи и обврзувачки правила што ќе биде од голема помош за општините, рече Нуредини.

Цел на овој закон е спречување и колку што е можно повеќе намалување на загадувањето што е предизвикано или што може да биде предизвикано од спроведување на индустриските активности, преку контрола на индустриските активности согласно одредбите на законот, како и обезбедување соодветен интегриран пристап за спречување и контрола на емисиите во воздухот, водата и почвата.

-Новиот Закон за контрола на индустриските емисии ќе донесе големи придобивки за почистата животна средина, спроведувањето на Директивата за индустриски емисии, ќе води кон подобар квалитет на воздухот (во однос на емисиите на прашина, SO2, NOx, метали и диоксини), ќе се подобри квалитетот на водата и почвата, ќе се овозможи подобро управување со отпадот и енергенсите, ќе се намалат штетите на вегетацијата и екосистемите, но ќе има и позитивни ефекти врз економијата, истакна  Нуредини.

Ккао што информира  Министерството за животна средина и просторно планирање, на денешната јавна расправа по овој Нацрт-закон се слушнаа забелешки и конструктивни предлози од присутните претставници на реномирани компании, граѓански организаци, инспекциски служби и други институции.

Коментари и забелешки ќе може да се доставуваат до Министерството и во наредните десет дена. Според Нуредини, тие се добредојдени, ќе бидат разгледани и соодветно одговорени, со цел да се добие добар и применлив закон што ќе овозможи развивање на стопанството согласно европските стандарди, како и поголема заштита и контрола на квалитетот на животната средина. хс/дма/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан