• четврток, 21 ноември 2024

Јавен дебата на ИДУЕП: Преговорите со ЕУ ќе бидат успешни само со вклучување на сите чинители во процесот

Јавен дебата на ИДУЕП: Преговорите со ЕУ ќе бидат успешни само со вклучување на сите чинители во процесот

Скопје, 3 април 2023 (МИА) - Домашните, но и експертите на ЕУ по потекло од регионот, сакаат и имаат што да понудат како директна поддршка на македонскиот евроинтеграциски пат, а целиот процес треба искрено да се комуницира со цел сите да се чувствуваат вклучени од самиот почеток. Ова се заклучоците од денешниот јавен настан насловен „Македонскиот евроинтеграциски пат - Градење на партнерства и преземање на позитивните искуства“, организиран од страна на Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП) во соработка со YES Alumni, Програма поддржана од американскиот Стејт Департмент.

Директорот на Европската асоцијација на даночни советници со седиште во Брисел, Александар Ивановски, за време на дебатата рече дека е неопходно државата да ги стави во функција сите ресурси што и стојат на располагање на земјата, со цел да забрза процесот кој е во интерес на сите граѓани.

- Постојат експерти од земјава кои живеат и работат во ЕУ. Сите се на еден или друг начин македонски амбасадори во европските земји, односно во Европската Унија. Но, да се помогне во напорите за членство во ЕУ е нешто за кое сите треба да се вложиме и да ја дадеме нашата поддршка во процесот. Постои волја, има луѓе, има знаење и најважно од се добра и искрена намера да се помогне, посочи Ивановски.

Според Ивановски, членството во ЕУ треба да подразбира национален консензус помеѓу сите општествени чинители, а пред се политичките партии, особено со оглед на геополитичките состојби и воените закани по мирот и стабилноста на целиот европски континент.

Претседателот на ИДУЕП, Бојан Кордалов, истакна дека преговорите се во интерес на секој граѓанин и тие не се процес на една политичка партија или влада.

- Тоа го покажуваат сите искуства на земјите од регионот, кои изминативе декади се приклучија на Унијата. Сметаме дека во овој дел е неопходно градење на платформа која ќе биде натпартиска и национална, која ќе дава еднаква шанса за вклучување на секого, односно првенствено градење на инклузивна комуникациска стратегија и платформа во која секоја личност ќе се чувствува добредојдена, подвлече Кордалов.

Тој додаде дека работите од самиот старт може да се постават правилно само и првенствено со градење и спроведување на комуникација базирана на вклученост на сите заинтересирани страни, односно само со искрена и отворена комуникација на фактите, како и градење на транспарентна врска со медиумите.

Алумнистката на YES Програмата, Теодора Бошкова смета дека сите млади луѓе во земјава заслужуваат европска иднина и можности какви што имаат нивните врсници од ЕУ и посочи дека младите се столбот на секое општество, па затоа мора да бидат и најважната алка која е неопходно да биде целосно вклучена во носењето одлуки на секое ниво. сх/сп/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан