Ѓурѓај му врачи благодарница „Илинден“ на проф. д-р Кимет Фетаху
Дебар, 22 јули 2025 (МИА) - Претседателот на Македонското друштво „Илинден“ - Тирана Никола Ѓурѓај му врачи благодарница „Илинден“ на истакнатиот македонски активист проф. д-р Кимет Фетаху.
-Ми беше посебна чест и задоволство во име на друштвото и на Македонците во Република Албанија, во просториите на Македонската амбасада во Тирана лично да му ја предадам благодарницата „Илинден“ на истакнатиот македонски активист проф. д-р Кимет Фетаху, за неговата посветена улога и долгогодишен придонес во унапредувањето на правата на Македонците во Република Албанија, информираше Ѓурѓај.
Додава дека извонреден придонес има во зајакнување на статусот и правата на македонската заедница и другите етнички заедници, како и за развојот на цивилното и граѓанското општество, нагласувајќи дека настанот бил исполнет со достоинство, признание и заедништво.

-Голема благодарност за укажаната чест. Ова признание не ми припаѓа само мене, туку на сите кои се борат за правата на Македонците во Република Албанија. Јас сум само еден од нив. Упатувам и голема благодарност до Љуфтим Спахиу, вршител на должноста амбасадор на Република Македонија во Тирана и до првиот секретар, Радмила Стојмировска за поддршката и организацијата на настанот, изјави меѓу другото Фетаху, заблагодарувајќи се за признанието.
Проф.д-р Фетаху (68) родум е од село Требиште, област Голо Брдо. Тој е доктор на науки, универзитетски професор по рударство и збогатување на минерали и македонски општественик во Република Албанија. Активен е во организирањето на Македонците во Република Албанија, особено по падот на комунистичкиот режим, во 1990 година. Во 1991 година тој ја формира организацијата на Македонците од Албанија „Братство“, која во 1993 година е преименувана во „Мир“.
По неговите стапки чекори и неговиот син Ендрит Фетаху, кој е потпретседател на македонската партија, Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ, кој присуствуваше на настанот во амбасадата. вт/мд/
Фото: МД „Илинден“