• понеделник, 23 декември 2024

Ѓоргиевска: Мора да го негуваме менталното здравје и да го превенираме синдромот на прегореност

Ѓоргиевска: Мора да го негуваме менталното здравје и да го превенираме синдромот на прегореност
Скопје, 13 мај 2022 (МИА) - Подигање на свеста за менталното здравје кај младите лица, со цел полесно да се справат со предизвиците со кои се соочуваат и ќе се соочат во иднина, е целта на работилницата на тема „Синдром на прегореност“ (Burn out syndrome), на која се обрати и сопругата на претседателот на Република Северна Македонија, Елизабета Ѓоргиевска. Во своето обраќање Ѓоргиевска посочи дека пандемијата е таа која што имаше огромно влијание не само на физичкото здравје, но и на психолошката и емоционалната состојба кај луѓето, предизвикувајќи стрес и анксиозност. - Бројот на луѓе кои страдаат драстично порасна за време на пандемијата. Хроничниот стрес, изолацијата и анксиозноста водат до ментална, емотивна и физичка исцрпеност. Пандемијата предизвика индивидуални и колективни трауми, поради социјалната изолација, чувството на страв од зараза, анксиозност поради неизвесната иднина, како и емоционални шокови, тагата и болката поради загубата на блиски луѓе, рече Ѓоргиевска. Често се вели во здраво тело – здрав дух, но, и здравиот дух, нагласува таа, мора да го негуваме, а синдромот на „Burn out“ да го превенираме. - Секогаш сметам дека превенцијата е клучна и доколку сме во можност најдобро е да ги спречиме негативните појави, истакна Ѓоргиевска додавајќи дека доколку навремено и соодветно не се адресираат овие состојби можат да имаат долгорочни негативни влијанија. Сопругата на претседателот изрази уверување дека овие работилници, бесплатните сесии со психолози, стручните прирачници и интерактивните мапи, ќе ја променат перцепцијата во македонското општество, ќе помогнат кон отстранување на стигмата поврзана со менталното здравје и ќе им помогнат на луѓето да добијат добри и практични совети за ментална хигиена, како основа за нивната добросостојба. Ова е една од четирите работилницата кои по повод месец мај, посветен на менталното здравје, се организираат од страна на Националниот младинскиот совет на Македонија, со поддршка на Канцеларијата на претседателот на Република Северна Македонија „Млади Хаб“. Во работилницата учествуваат млади на возраст од 15 до 29 години. вг/сп/

Остани поврзан