• недела, 14 јули 2024

Ѓоргиевска: Да создадеме ефикасни правни механизми за заштита и санкционирање на насилството на интернет

Ѓоргиевска: Да создадеме ефикасни правни механизми за заштита и санкционирање на насилството на интернет
Скопје, 20 јуни 2022 (МИА) - Сопругата на претседателот Стево Пендаровски, Елизабета Ѓоргиевска се обрати на регионалниот форум „Виртуелното е реално: Зајакнување на законодавните рамки за поддршка на телесната автономија“ што се одржува во организација на канцеларијата на УНФПА во земјава во соработка со канцеларијата на УНФПА на Балканот. Во своето обраќање на настанот, како што соопштија од Кабинетот на претседателот, Ѓоргиевска истакна дека ваквите форуми на кои може да се зборува за искуствата низ регионот и да се учи едни од други, се одличен механизам којшто ќе помогне во создавање на ефективни решенија. Според Ѓоргиевска, со алатките кои ги имаме на располагање треба да бидеме поддршка на кампањата „Бодирајт“ која има за цел преземање на дејства за запирање на насилството врз жените и девојките во виртуелните простори. Целта на настанот, се вели во соопштението, е да се подигне јавната свест околу кршењето на човековите права и заштитата на телесната автономија на интернет преку примери од практиката, а се очекува и да се идентификуваат следните чекори за сегашните и идните улоги, како и одговорноста на различните чинители, регионалните и националните влади и развојните партнери. - Жените и девојките, како и маргинализираните групи најчесто се мета на насилството на интернет. Според податоците на Фондот за население на Обединетите нации на глобално ниво 85 проценти од жените изјавиле дека посведочиле а речиси 40 посто изјавиле дека биле жртви на насилство на интернет, рече Ѓоргиевска. Имајќи ги предвид загрижувачките состојби, според нејзе, потребно е да видиме што сме направиле и да си поставиме задачи за тоа, што можеме да направиме за справување со насилството на интернет. - Правото над нашето тело дури и во виртуелниот простор, или „бодирајт“, треба да биде и правно заштитено. Сведоци сме на случаи каде фото и видео материјали на многу лица се злоупотребуваат и искористуваат во различни чинови на насилство, а кога жртвата ќе се обиде да ја добие битката преку институционален пат, правдата воглавно е бавна. Соочени со вакви предизвици, разбирливо е што многу жени и девојки не поведуваат правни процеси за заштита на нивните права за своето тело на интернет, потенцира Ѓоргиевска. Родово-базираното насилство на интернет, посочи таа, е потребно да биде третирано како дел од спектарот на видови на родово-базирано насилство. Како што зборуваме за семејното, партнерското, сексуалното, физичкото, психичкото, емотивното, економското насилство, според нејзе, треба да бидеме гласни и за насилството на интернет кое може во себе да вклучи компоненти на другите видови на родово-базирано насилство. - Институционалните и правните механизми за заштита на граѓаните од насилство на интернет, како и негово санкционирање се недоволно развиени во повеќе земји, вклучително и кај нас. Разбирливо е што решенијата се носени неодамна, затоа што и се соочуваме практично со една понова појава. Прашањето е комплексно и во создавањето на ефикасни правни механизми за заштита и санкционирање на насилството на интернет верувам дека ќе постојат повеќе дилеми, како и новини кои треба да се воведат во истражните и судските постапки, како и законските решенија, рече Ѓоргиевска. Додаде дека треба да дејствуваме со создавање на нови политики, нови законски решенија кои одговараат на новата реалност, со иновативни технолошки решенија, со подигнување на јавната свест и со здружени напори на институциите, бизнис заедницата и граѓанскиот сектор. мс/сп/

Остани поврзан