• петок, 22 ноември 2024

Шукова: По активностите за заштита на природата, НП Шар Планина може да почне развојна компонента

Шукова: По активностите за заштита на природата, НП Шар Планина може да почне развојна компонента

Тетово, 12 декември 2023 (МИА) - Министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова денеска ги посети новите простории на Јавната установа Национален парк „Шар Планина“ во Тетово. Со директорот и вработените разговараа за тековните и завршените капитални вложувања и проекти на установата.

По формирањето на паркот и првичните проекти за заштита веќе може да се премине и на развој на установата и подрачјето, оцени министерката по состанокот. Таа посочи дека сега наместо со финансирање од државата и меѓународни организации, ќе се овозможи установата самостојно да функционира и да се развива.

-Тоа што сакам да го потенцирам во овој момент е дека во рамките на паркот веќе имаме екипираност, нови вработувања оваа година, односно ренџери коишто ќе помогнат да се намали ловокрадството во паркот, секако и дивата сеча. Меѓутоа паркот веќе размислува и за развојни компоненти од наредната година, односно, онa што ќе го направи Паркот да биде одржлив и да може сам да функционира во годините што доаѓаат. Секако во еден извесен период ќе продолжиме со поддршка на Паркот и државата и меѓународните организации. Меѓутоа, онa што го гледаме тука е дека менаџментот, а Паркот и вработените точно знаат во која насока треба да се движат и како да управуваат со ова заштитено подрачје, истакна министерката Шукова.

И директорот на Национален парк Шар Планина рече дека веќе може да се размислува за развојна компонента на установата и заштитеното подрачје.

- Компонентата заштита во првите две години ни беше приоритет, но сега ќе се посветиме на втората компонента, таа е развојниот дел, што веќе спремаме годишна програма за 2024, каде што овие компоненти развојните ни се приоритет. Секако, компонентата заштита што ни беше, за нас беше голем предизвик, значи навиките од 20 години наназад такви биле, кој сакал, кај сакал, сечел дрвна маса, излегол на лов, градел кај што сакал. Ние сме должни системски да управуваме и да воспоставиме ред околу овие состојби, рече директорот Ибрахим Дехари. 

Со формирањето на Национален парк Шар Планина, државата достигна 13,9 отсто заштитени природни и планински подрачја во државата. ас/мд/

фото: МИА 

Остани поврзан