• сабота, 21 декември 2024

Штипјанката Љуба Крстева прва ја доби сметката за вода на Брајово писмо

Штипјанката Љуба Крстева прва ја доби сметката за вода на Брајово писмо

Штип, 3 ноември 2023 (МИА) - Штипјанката Љуба Крстева е првото слепо лице кое доби сметка за вода од ЈП „Исар“-Штип на Брајово писмо. Крстева вели дека ова за нив значи големо олеснување, бидејќи за едно обично читење сметка и колку потрошила вода треба да ги ангажира членовите на семејството, кои не живеат со неа. Седумдесет и деветгодишната Крстева е една од деветте членови на Здружението на слепи лица во Штип, кои денеска ги добија своите сметки од комуналното претпријатие „Исар“-Штип.

-Ова е добар потег на претседателот на Здружението на слепи лица, Драги Витанов, што ја поттикна оваа акција, за ние да можеме сами да си ги читаме и платиме сметките. Ептен ни е олеснето за нас слепите лица, рече Крстева.

На само неколку метри од нејзиниот дом е и пунктот каде што може самата да си ја плати сметката за вода и отпад.

Претседателот на Здружението на слепи лица-Штип, Драги Витанов, вели дека она што заеднички е договорено со директорот на ЈП „Исар“-Штип, Кирил Зајков на 16 октомври, веќе денеска се реализира. Сметките за слепите лица на Брајово писмо ги има изготвено токму Витанов, којшто сепак нема адекватен печатач.

-Ова е пробен период до Нова година, бидејќи треба да го видиме и интересот од страна на слепите лица. Доколку има интерес, ќе продолжиме со оваа работа. Така што не ми претставува проблем да го работам и тоа во иднина. Имам еден мал проблем, машината со којашто работам е многу одамна. Но, за тоа ќе најдеме решение. Печатач на Брајово писмо има во Основното училиште „Ванчо Прќе“, кој треба да го видиме и како работи тој печатач, изјави Витанов.

Директорот на ЈП „Исар“-Штип, Зајков, посочи дека денеска заедно со Витанов ќе ги посетат сите слепи лица на кои им се изготвени сметките за вода. Изрази благодарност до Витанов кој се ангажирал за реализација на оваа идеја за да им се излезе во пресрет на членовите на Здружението на слепи лица во Штип. вдј/хс/

Фото: МИА  

Остани поврзан