• недела, 22 декември 2024

Штипски „Исар“ годинава со буџет од 270 милиони денари

Штипски „Исар“ годинава со буџет од 270 милиони денари

Штип, 13 јануари 2024 (МИА) - Штипското комунално претпријатие „Исар“ со буџет од 270 милиони денари ќе инвестира во реконструкција на старата водоводна и канализациска мрежа, ќе го одржува зеленилото и ќе менаџира со отпадот. Директорот, Кирил Зајков, посочи оти програмите за работа веќе имаат добиено зелено светло од Општинскиот совет, па Јавното претпријатие веќе следната недела започнува со реконструктивните активности, како и со активности за подобро менаџирање со отпад.

-Влегуваме во една амбициозна програма која се темели на три основи, односно програма којашто Јавното претпријатие ќе ја насочи кон реконструкција на водоводни и канализациони мрежи согласно со Програмата за уредување на градежно земјиште на Општина Штип, подигање на нови зелени површини, како и одржување на постоечките површини и сервисирање на услугите кон граѓаните во делот на собирање на сметот, рече Зајков.

Додаде дека минатата година ЈП „Исар“ се покажало многу подобро од планираното во делот на реконструктивните активности, но потфрлило во однос на менаџирањето со отпад. Зајков вели дека затоа годинава фокусот ќе биде да се подобри услугата кон граѓаните, но и да се променат навиките на целата заедница.

-Дури можам да се пофалам дека Јавното претпријатие, благодарение на ангажираноста на сите вработени во рамки на Јавното претпријатие, бележеше голем раст на активности, односно на реконструкција на водоводни и канализациони мрежи, повеќе од тоа што беше предвидено како работни активности за 2023. Можам да бидам критичен во делот на менаџирањето со отпадот. Имаше одредени предизвици, и во 2024 година ќе ги имаме. Не бараме оправдување зошто е тоа така, но сметам дека навиките на сите нас мора да ги менуваме за да имаме поуспешен процес на менаџирање со отпад, рече Зајков.

Зајков вели дека ситуацијата со финансиските загуби и понатаму ќе се менаџира за нивно намалување, а и дека за таа цел ќе продолжат да се спроведуваат некои од мерките кои ги одобри Општинскиот совет, а чија важност е до следната седмица.

-Сите мерки кои ги побаравме беа на среден рок, односно во траење од шест месеца. Во текот на наредната недела административно ќе престанат да важат овие мерки, меѓутоа она што ние го согледавме како Јавно претпријатие е дека дел од мерките ние и понатаму како деловна политика ќе ги спроведуваме. Ќе се внимава на реалната потреба за ангажирање на работници со прекувремено ангажирање за работа. Тоа се финансиски средства за коишто мораме да бидеме внимателни како ќе ги организираме, рече Зајков.

Јавното претпријатие „Исар“ минатата година ја започна со загуба, а така го заврши и првиот квартал, понатаму во следните квартали загубата се намалуваше за на крајот од годината да дојде до добивка од над десет милиони денари. вдј/сх/

Фото: МИА 

Остани поврзан