• понеделник, 23 декември 2024

Штипската Клиничка болница набави нов апарат за анестезиологија

Штипската Клиничка болница набави нов апарат за анестезиологија

Штип, 3 ноември 2022 (МИА) - Нов апарат за анестезиологија доби Одделот на Анестезиологија и реанимација при Клиничка болница Штип. За три месеца ова е втор апарат набавен со средства од буџетот на болницата, истакна  на денешната прес-конференција директорот  Ален Ѓеорѓијев.  Со набавката на нови апарати и сервис на старите се овозможува извршување на повеќе хируршки интервенции со цел побезбедна хирургија во интерес на пациентите.

- Станува збор за нов апарат кој го купивме со сопствени средства и оној претходниот кој го купивме во август, успеавме во рок од три месеца да купиме два нови апарати за анестезија и со сервисот на апарати завршивме во делот на сервисирање на апарати, набавка на опрема за анестезија, со цел можност за извршување на повеќе хируршки интервенции и изведување на побезбедена хирургија во интерес на пациентите, вели Ѓеорѓијев.

 Новиот апарат за анестезилогија ќе се користи на сите оддели кај кои се применува хирургија, а чини над три милиони денари.  Економската криза директно влијаеше врз работата на Клиничка болница Штип, како и врз набавката на нови апарати, дециден е Ѓеорѓијев. Но, сепак вели успех е што болницата не се остава без потребните апарати, а со тоа граѓаните од Штип и регионот добиваат добро и квалитетено здравство.

Прашан за недостатокот на медицински кадар, Ѓеорѓијев истакна дека имаат барање за вработување на 13 лица и се чека одобрение од Министерството за финансии.

-Состојбата со кадарот, има делови од персоналот кои имаме сериозна потреба од нив. Се работи за болничари, хигиеничари, тоа е работа која многу ни недостасува, ни фалат и доктори и сестри. Очекуваме овие денови да пристигне одобрение од финансии да распишеме оглас за приме на доктори и сестри со што ќе го ублажиме недостигот. Ова последното барање се работи за шест доктори на медицина, за шест медицински сестри и една акушерка, вели Ѓеорѓијев.

 Медицински кадар недостасува речиси во сите оддели при Клиничка болница- Штип, а дополнителен проблем е што голем дел од вработените заминаа на работа во приватното здравство. Но, најголем недостаток има од анестезилози, доктори на одделот за ортопедија и на oдделот за очни болести. вдј/

Остани поврзан