Шри Ланка доби нова влада
- Владата на премиерката Харини Амарасури денеска положи заклетва пред претседателот на Шри Ланка, Анура Кумара Дисанајаке, откако коалицијата предводена од неговата марксистичка Партија на националната народна моќ (НПП) извојува убедлива победа на минатонеделните избори.
Коломбо, 18 ноември 2024 (МИА) - Владата на премиерката Харини Амарасури денеска положи заклетва пред претседателот на Шри Ланка, Анура Кумара Дисанајаке, откако коалицијата предводена од неговата марксистичка Партија на националната народна моќ (НПП) извојува убедлива победа на минатонеделните избори.
Амарасури првпат беше назначена за премиер во септември, откако Дисанајаке победи на претседателските избори, со што стана првата жена на чело на владата во последните 24 години.
Убедливата победа ќе му овозможи на претседателот Дисанајаке да спроведе опсежни реформи, вклучително и нов устав. Шри Ланка се бори да излезе од најтешката економска криза во својата историја, откако прогласи банкрот бидејќи не можеше да го плати својот надворешен долг во 2022 година.
Тој исто така го одржа ветувањето дека новата влада ќе има помалку од 25 членови. Дисанајаке ја задржа функцијата министер за одбрана и финансии. Виџита Херат е повторно назначен за министер за надворешни работи и туризам.
Дисанајаке, кој беше избран за претседател во септември, вети дека ќе предложи значителни промени во целите утврдени во договорот со ММФ, потпишан од неговиот претходник, велејќи дека тоа им става преголем товар на луѓето.
Сепак, тој тогаш рече дека Шри Ланка ќе го поддржи договорот, со што реструктуирањето на долгот со меѓународните кредитори е речиси завршено.
Гласачите беа привлечени и од повикот на НПП за промена на политичката култура и борбата против корупцијата, бидејќи тие сметаа дека партиите што до сега владееја со Шри Ланка предизвикаа економски колапс. паг/
Фото: ЕПА