• петок, 22 ноември 2024

Шолц: Ние сакаме Северна Македонија да стане членка на ЕУ

Шолц: Ние сакаме Северна Македонија да стане членка на ЕУ
Скопје, 11 јули 2022 (МИА) - Ние сакаме Северна Македонија да стане членка на ЕУ. Сакам да бидам сосема искрен со Вас: Дури и по прифаќањето на овој компромис, процесот за влез во ЕУ нема да биде лесен. Ќе има и други пречки кои ќе треба да бидат надминати. Но, јас исто така Ви велам: Заедно ќе ги совладаме задачите кои ни претстојат. Затоа што сакаме да бидете членка на оваа Европска Унија, вели во своето обраќање до Северна Македонија германскиот канцелар Олаф Шолц, објавено денеска од Амбасадата на Германија во Скопје. Вашата земја, порачува Шолц, повторно се соочува со носење на една многу важна одлука - дали сакате да го прифатите европскиот компромис, и со тоа, 17 години по доделувањето на статусот на кандидат за членство во ЕУ, може конечно да се одржи првата пристапна конференција за членство. - Тоа ќе биде важен чекор што ќе ве приближи до членство во ЕУ и со што ќе се надмине блокадата. Јас ги разбирам Вашата нестрпливост и Вашата фрустрација. И повеќе од тоа: ги споделувам со Вас! Јас Ве разбирам кога ќе кажете: Нам ни беше предолго и премногу ветувано. Тоа што се бараше од нас беше премногу. Јас го разбирам Вашиот сомнеж дали со овој чекор навистина ќе се отвори патот за влез во ЕУ, се вели во обраќањето од Шолц. Сите знаеме, нагласува Шолц, дека компромисите понекогаш значат болни отстапки. Европската Унија се состои од компромиси, ден за ден. Но, јас сум цврсто убеден дека дури и тешки компромиси на крајот секогаш нè носат напред и нè прават посилни. - Ние Ве сакаме Вас, драги Македонки и Македонци, зачленети во една унија во која се чуваат и се негуваат Вашите и нашите културни особености, нашите различни јазици и нашите идентитети. Тоа нè прави заедно силни. Ние сме и ќе останеме на Ваша страна, се вели во обраќањето на германскиот канцелар Шолц. аа/сп/

Остани поврзан