Шеснаесет решенија за забрана за работа за непочитување на препораките за заштита од топлотниот бран
- Државните инспектори за труд вчера и завчера изрекле 16 решенија за забрана за работа за непочитување на препораките за заштита од топлотниот бран, откако затекнале активности на работници директно изложени на високи температури во период од 11 до 17 часот, информираа за МИА од Државниот инспекторат за труд (ДИТ).
Скопје, 14 август 2024 (МИА) - Државните инспектори за труд вчера и завчера изрекле 16 решенија за забрана за работа за непочитување на препораките за заштита од топлотниот бран, откако затекнале активности на работници директно изложени на високи температури во период од 11 до 17 часот, информираа за МИА од Државниот инспекторат за труд (ДИТ).
Во тек на инспекциските надзори спроведени на 12 и 13 август, деновите за кои Владата донесе препораки, изречени се и 19 решенија со наредба за почитување на препораките за превенција и заштита на работниците при работа во услови на топлотен бран.
Согласно прогласената портокалова фаза и препораките за работа во услови на топлотен бран, државните инспектори за труд вчера извршиле вкупно 139 инспекциски надзори, односно 125 вонредни надзори и 14 контроли и во дејностите каде работниците се изложени на неповолни микроклиматски услови, односно директна изложеност на високи температури на отворено или каде во текот на работењето се изложени на топлинско зрачење. Притоа на работодавачите им издале 11 решенија со наредба за почитување на препораките, како и седум решенија за забрана за работа за затекнување на активности каде работниците се директно изложени на високи температури во период од 11 до 17 часот.
Од ДИТ информираа дека завчера се спроведени 145 инспекциски надзори од кои 129 вонредни и 15 контролни надзори кои резултирале со осум решенија со наредба за почитување на препораките и девет решенија за забрана за работа.
Во тек на претходните топлотни бранови летово во тек на 1140 инспекциски надзори на ДИТ биле изрешени 95 решенија со наредба за почитување на препораките, како и 79 решенија за забрана за работа. Во сите случаи каде е изречена забрана за работа во наведениот временски интервал, како што информираат од Инспекторатот, работодавачите ја почитувале забраната за работа односно прекинале со работни активности.
Со владините препораки за намалување на ризиците од високите температури беа ослободени од работни обврски бремените жени и лицата на возраст над 60 години, а работодавачите добија обврска да ги реорганизираат работните активности на градежните работници и на работниците кои работат на отворено, со тоа што ќе се избегне вршење градежни и други работни активности на отворено во периодот од 11 до 17 часот. Препорака имаше и за почитвање на законските прописи со оглед на фактот дека одредени ризични производни и технолошки процеси може да претставуваат дополнителен ризик по здравјето на изложените работници. лв/aa/
фото:МИА архива