Шемонјак: Полска нема да прифаќа мигранти и е против пактот за миграција
- -Нашиот став е јасен - ние сме противници на Пактот за миграција и апсолутно не станува збор за никакво забрзување или незабрзување. Нема да прифатиме мигранти, нема да има преселување, рече Шемоњак, гостувајќи на полското радио ЗЕТ.
Варшава, 4 февруари 2025 (МИА) - Полскиот министер за внатрешни работи и администрација, Томаш Шемонјак, денеска изјави дека неговата земја нема да прифаќа мигранти и се противи на Пактот за миграција и азил.
Според него, не се точни информациите дека на состанокот на министрите за внатрешни работи на земјите од ЕУ во Варшава, одржан на крајот на јануари, е донесена одлука за забрзување на имплементацијата на Пактот за миграција и азил, што беше усвоен од страна на Европскиот парламент минатиот април.
-Нашиот став е јасен - ние сме противници на Пактот за миграција и апсолутно не станува збор за никакво забрзување или незабрзување. Нема да прифатиме мигранти, нема да има преселување, рече Шемонјак, гостувајќи на полското радио ЗЕТ.
Според него, Европската комисија се согласува со Полска „за тоа што се случува на полско-белоруската граница и инструменталната употреба на миграцијата како оружје“.
-Сите шпекулации за тоа како ќе изгледаат работите на крајот се обид темата да се уфрли во кампањата на луѓето кои со својата неспособност, и веројатно корупција, дозволија стотици илјади луѓе да влезат во Полска без никакви проверки, рече Шемонјак.
Министерот додаде дека полската Влада не се жалеше на Пактот за миграција до Европскиот суд на правдата бидејќи смета дека тоа ќе биде ризик и додаде дека е одлучено дека е подобро ова прашање да се справи на политичко ниво.
Шемонјак изјави и дека земјата е подготвена за цивилната одбрана на своите граѓани и дека во наредните години интензивно ќе гради засолништа и ќе го подобрува информацискиот систем.сд/