• петок, 22 ноември 2024

Шеесетина творби во чест на Конески пристигнале на конкурсот на Кривопаланечкиот центар за култура 

Шеесетина творби во чест на Конески пристигнале на конкурсот на Кривопаланечкиот центар за култура 
Крива Паланка, 19 март 2021 (МИА) - Над шеесет авторски дела пристигнале на конкурсот за најкреативна поетска творба во чест на 100-годишнината од раѓањето на македонскиот великан Блаже Конески што го објави Националната установа Центар за култура-Крива Паланка. Конкурсот беше објавен од страна на НУЦК и членовите на литературниот клуб „Калин“ што работи во рамки на библиотеката „Кочо Рацин“ во рамки на установата. - За периодот од околу еден месец колку што траеше конкурсот, презадоволни сме од бројот на пристигнати творби и одзивот на книжевната фела од земјата и странство, што е само уште една потврда за величината на Конески. Пристигнаа творби од наши домашни автори, од соседните земји, Србија и Бугарија, од Босна и Херцеговина, дури и од Кина. Во  претстојниот период стручна комисија од страна на организаторот ќе ги разгледува пристигнатите творби, пишувани на слободна тема, а резултатите ќе бидат објавени најдоцна до 15 април 2021 година, изјави Даниела Петровска, раководител на библиотеката „Кочо Рацин“ и претседател на ЛК „Калин“. Сите учесници кои имаат доставено уредна пријава на конкурсот, рече, се известени по  елетронската пошта. Учесниците на конкурсот ќе добијат електронски дипломи за учество, додека авторот на најкреативната творба ќе учествува на меѓународната поетска манифестација „Лирски треперења“ што НУЦК, Крива Паланка ги организира традиционално, во летниот период, во манастирот св.Јоаким Осоговски. ид/аа/

Остани поврзан