• недела, 22 декември 2024

Шаќири: На родители од Чашка им предложив да отвориме македонска паралелка во Јаболчиште

Шаќири: На родители од Чашка им предложив да отвориме македонска паралелка во Јаболчиште

Скопје, 13 декември 2023 (МИА) - Министерот за образование и наука Јетон Шаќири денеска рече дека не прифаќа деца да патуваат за да учат во друга општина. На состанокот со Советот на родители од општина Чашка, тој дал предлог, ако тие сакаат, да се отвори нова паралелка на македонски јазик во Јаболчиште.

- Без разлика што таму поголемиот процент деца се Албанци, ако имаат такво барање, ќе отвориме. Јас секој од нивните предлози, без разлика на тоа што се однесуваа на надлежностите, на директорката, кажав дека треба да се има законска основа за секој проблем со цел да имам конечен записник за да можам да постапам. Отворената паралелка, се работи за четири ученици, мали деца кои не знаат ниту за политички партии, ниту за разликите помеѓу нас. Барав до крајот на учебната година или до изнаоѓање на решение, тие да продолжат со настава во истото училиште, појасни министерот, одговарајќи на новинарско прашање зошто не бил прифатен предлогот на Советот на родители од општина Чашка по вчерашниот состанок.

Тој рече дека родителскиот совет вчера дал предлог, не во општина Чашка, туку децата да продолжат да учат во општина Велес.

- Се работи за четири деца. Како можам да прифатам, кога се работи за четири ученици кои немаат никаков проблем со никого? Јас ги прифаќам сите други дискусии, но, да прифатам деца да патуваат, затоа што некој така сака и прави проблем во образовниот процес, не прифаќам. Јас барам решение на долгогодишен проблем. Во истата таа дискусија, јас предложив ако сакаат, да отвориме нова паралелка на македонски јазик во Јаболчиште, без разлика што таму поголемиот процент деца се Албанци, ако имаат такво барање, ќе отвориме, рече министерот за образование и наука.

Тој одговараше на новинарски прашања пред учеството на настанот за заокружување на твининг проект за Националната рамка за квалификации. бд/лв/

Фото: МИА архива

 

Остани поврзан