• сабота, 06 декември 2025

Шахистите на Алкалоид продолжуваат со максимален ефект на Европскиот клупски куп

Шахистите на Алкалоид продолжуваат со максимален ефект на Европскиот клупски куп

Родос, 24.октомври 2025 (МИА) – Шахистите Алкалоид во петтото коло од Европскиот клупски куп што се игра на грчкиот остров Родос ја постигнаа и петтата победа. Тие го совладаа актуелниот шампион Нови Бор од Чешка со 4:2.

Победи за Алкалоид на првата и третата „табла“ со бели фигури постигнаа Арјун Григаиси и Ју Јангји, додека другите четири партии завршија реми. Половина поен за македонскиот првак освоија: Ју Веи (втора), Аравинд Читамбарам (четврта), Велимир Илиќ (петта) и Абимаи Пураник (шеста).

– Големото дерби привлече и големо внимание. Сите очекуваа нешто посебно и тоа навистина се случи. Наместо вообичаен меч на кој се води рововска битка за мала предност и се чекаат грешки, овојпат видовме многу оган на таблите, но и многу неочекувани варијанти и пресврти – вели ВМ Влатко Богдановски, капитен на интернационалниот состав на ШК Алкалоид.

Во денешното коло Алкалоид игра против Супершах од Романија. Воедно ова може да се оцени и како дерби и меч за шампионската титула бидејќи двете екипи во досегашниот тек на натпреварувањето имаат максимален ефект пет победи од пет мечеви.

Фото: ШК Алкалоид

Остани поврзан