• сабота, 23 ноември 2024

Човиќ побара од ПИЦ и Шмит да спроведат изборни и уставни реформи во БиХ

Човиќ побара од ПИЦ и Шмит да спроведат изборни и уставни реформи во БиХ
Сараево, 1 септември 2022 (МИА) – Претседателот на Хрватското народно собрание на БиХ и ХДЗ на БиХ, Драган Човиќ, денеска го повика високиот меѓународен претставник Кристијан Шмит да донесе одлука за изборните и уставните реформи, а Советот за имплементација на мирот да ги поддржи реформите, со цел да се спречи прегласување на Хрватите. Човиќ истакна дека очекува Шмит да донесе конечна одлука за измена на Уставот на Федерацијата и Изборниот закон на БиХ, во согласност со пресудата на Уставниот суд на БиХ, која обезбедува еднаквоста на конститутивните нации и нивната легитимна застапеност. - Еднаквоста на конститутивните народи е основата на мирот во БиХ. Секое прекршување на Дејтонскиот принцип за еднаквост води до несакана дестабилизација на земјата. Подлегнувањето на притисокот од улица и заканите со насилство целосно ќе го поткопа кредибилитетот на институцијата на високиот претставник, истакна Човиќ. Тој додаде дека најважните претставници на меѓународната заедница препознале дека „системската дискриминација на хрватскиот народ не може да донесе ништо добро на татковината БиХ“. Советот за имплементација на мирот (ПИЦ), кој ја надгледува работата на Канцеларијата на високиот меѓународен претставник, а го сочинуваат најважните западни земји и Турција, која ја претставува Организацијата за исламска соработка, денеска имаат средба во Сараево, на која ќе разговараат за наметнување одлука за измена на Изборниот закон и Уставот на Федерацијата Босна и Херцеговина. ми/

Остани поврзан