Членките на ЕУ се договорија за поделба на одговорноста за азилантите и за побрза депортација на илегалните мигранти
- Министрите за внатрешни работи на земјите членки на ЕУ на денешниот состанок во Брисел постигна договор за создавање на Фонд за солидарност, што треба да доведе до пофер прераспределба на одговорноста во областа на азилот, како и за регулативите за безбедна трета земја, за безбедна земја на потекло и за враќање на илегалните мигранти, која овозможува и отворање на центри за депортација во држави надвор од Унијата.
Брисел, 8 декември 2025 (МИА) – Министрите за внатрешни работи на земјите членки на ЕУ на денешниот состанок во Брисел постигна договор за создавање на Фонд за солидарност, што треба да доведе до пофер прераспределба на одговорноста во областа на азилот, како и за регулативите за безбедна трета земја, за безбедна земја на потекло и за враќање на илегалните мигранти, која овозможува и отворање на центри за депортација во држави надвор од Унијата.
На заседанието на Советот за правда и внатрешни работи на ЕУ на ниво на министри за внатрешни работи беше постигнат политички договор за воспоставување на Годишен фонд за солидарност за 2026 година, како дел од Пактот за миграција и азил, што треба да стапи во сила на 12 јуни 2026 година.
Преку овој Фонд треба да им се обезбеди ефикасна поддршка на земјите членки кои се под миграциски притисок, преку јасни правила за одговорност за обработка на барањата за азил. Фондот има за цел намалување на илегалниот влез на мигранти и предвидува мерки за солидарност меѓу земјите членки за да се намали товарот врз оние држави каде што пристигнуваат повеќето мигранти.
Земјите за кои се смета дека се изложени на „ризик од миграциски притисок“ – Грција, Италија, Кипар и Шпанија, ќе имаат приоритетен пристап до Фондот, кој вклучува помош од агенциите за миграција на ЕУ и поддршка од европските фондови.
Од друга страна, земјите кои се соочуваат со „значителна миграциска ситуација поради миграцискиот притисок од претходните години“, меѓу кои се Австрија, Бугарија, Естонија, Полска, Хрватска и Чешка, можат да побараат целосно или делумно исклучување од нивниот придонес во Фондот за солидарност.
Сега останува уште формирањето на Фондот и формално да биде одобрено од Советот на ЕУ, што се очекува да се случи до крајот на годината.
Дополнително, министрите за внатрешни работи ги усогласија и ставовите по текстовите на регулативите за безбедна трета земја и за безбедна земја на потекло, кои имаат за цел да воспостават побрзи и поефикасни процедури за разгледување на апликациите за азил на оние баратели кои немаат право да добијат заштита во рамките на ЕУ.
Со Регулативата за безбедна трета земја се овозможува обработка на барањата за азил во држави кои не се членки на ЕУ, а кои се сметаат за безбедни, со цел да се спречат ризични патувања на мигрантите кон Унијата.
- Концептот на безбедна трета земја им овозможува на членките на ЕУ да одбијат барање за азил, кога барателите на азил можеле да побараат и да добијат меѓународна заштита во земја надвор од Европската Унија, што се смета за безбедна за нив, се посочува во образложението на регулативата.
Регулативата за безбедна земја на потекло, на членките на ЕУ и овозможува да воспостават посебен систем за проверка на барањата за азил на баратели од безбедна земја на потекло и да ја спроведат на границата или во транзитните зони.
- Правилата за безбедна земја на потекло се засноваат на премисата дека се претпоставува оти апликантите од таква држава имаат доволна заштита од ризик од прогон или сериозни повреди на нивните основни права. Земјите надвор од ЕУ можат да бидат означени како безбедни земји на потекло само кога исполнуваат висок праг на безбедност, се наведува во образложението на регулативата.
Со неа, како безбедни земји на потекло се определуваат Бангладеш, Египет, Индија, Колумбија, Косово, Мароко и Тунис.
Министрите, исто така, ги усогласија ставовите и за новата регулатива за враќање на ЕУ, која треба да овозможи забрзување и поедноставување на процедурите за депортирање на лицата кои илегално престојуваат во земјите членки на блокот, а овозможува и отворање на центри за депортација во трети земји.
За таа цел во регулативата се дефинира и поимот „земја на враќање“, која може да биде држава што не е членка на ЕУ со која е склучен договор или аранжман врз основа на кој таа се согласува да прифати лице кое нема право да престојува во членките на Унијата. „Земја на враќање“ може да биде „трета земја“ во која се почитуваат меѓународните стандарди за човекови права и принципите на меѓународното право, вклучително и „принципот на невраќање“.
Дополнително се наведува дека овие „центри за враќање“ можат да функционираат како центри за времен престој до враќањето во крајната земја или како крајна дестинација.
Регулативата предвидува и можност за воведување на забрана за влез во ЕУ над 10 години или на неопределено време за лица кои претставуваат безбедносен ризик, како и признавање на одлуките за депортација или забрана донесени од една земја членка од страна сите држави од Унијата.
Со регулативата се предвидува воведување на европски налог за враќање (ЕРО), кој е замислен како формулар во кој земјите членки ќе треба да ги вметнат клучните елементи од одлуката за враќање и да го вклучат во информацискиот систем на Шенген зоната. ЕРО налогот треба да се воведе најдоцна во рок од две години од стапувањето во сила на регулативата.
Врз основа на договорените текстови на трите регулативи, Советот на ЕУ сега ќе започне преговори со Европскиот парламент за усогласување на нивните конечни верзии. сп/ссм/
Фото: МИА Архива