• петок, 05 декември 2025

Чисто, безбедно и уредно – акција за расчистување и уредување на кругот на Општата болница во Кочани

Чисто, безбедно и уредно – акција за расчистување и уредување на кругот на Општата болница во Кочани

Кочани, 4 јуни 2025 (МИА) Во пресрет на 5 Јуни – Светскиот ден за заштита на животната средина, во Кочани се спроведува акција за расчистување и уредување на кругот на Општата болница со проширена дејност.

Акцијата ја иницираше в.д. градоначалникот Венко Крстевски, а ја спроведуваат екипи на Општина Кочани и КЈП „Водовод“, кои ја косат тревата, ги кастрат дрвјата, расчистуваат зашумени позиции и го собираат расфрланиот отпад.

–Почнуваме активност чија цел е да му го вратиме на Кочани приматот „најчист град“. Сакаме да им овозможиме граѓаните од микрорегионот коишто ги користат услугите на нашата јавна здравствена установа да се чувствуваат пријатно и безбедно. Исто така, упатувам апел до Владата да одговори на потребите на пациентите и да помогне во обновувањето на Општата болница – Кочани, којашто е изградена пред 40 години од самопридонес на месното население, истакна в.д. градоначалникот Крстевски.

Јавното осветлување во кругот на Општата болница не е во функција повеќе години по оштетување на електричната инсталација, поради што во рамки на акцијата „Чисто, безбедно и уредно“ во план е тоа повторно да се стави во функција.

Од Локалната самоуправа на Кочани упатија апел до граѓаните да не ја загадуваат животната средина и самите да придонесат за чиста и уредна околина, не само во кругот на Општата болница, туку и на другите локации во градот и околината. та/мд/

фото: МИА

Остани поврзан