• петок, 22 ноември 2024

Чешкиот премиер најавува продолжување на иницијативата за снабдување на Украина со муниција

Чешкиот премиер најавува продолжување на иницијативата за снабдување на Украина со муниција

Прага, 23 октомври 2024 (МИА) - Чешкиот премиер Петр Фијала денеска најави дека чешката иницијатива за набавка и испорака на муниција во Украина ќе ја исполни целта од половина милион испорачана артилериска муниција до крајот на годината и дека треба да продолжи и следната година.

„Мислам дека соработката со Данска и Холандија во таа коалиција за муниција е добра за Чешка. Сè уште има потреба од испорака на муниција за Украина и испораката треба да продолжи следната година“, изјави премиерот Фијала за чешката новинска агенција ЧТК.

Чешкиот премиер предупреди дека испораката на артилериска муниција, која оди преку Чешка како посредник од трети земји, е само едно парче во големиот мозаик на западната помош за Украина за одбрана од руската агресија.

„Таа иницијатива не е единствениот дел и не е доволна. Големата задача е да и помогнеме на Украина со снабдување со енергија пред зимата бидејќи Русија е насочена кон енергетската инфраструктура. Тоа е и во интерес на Европа бидејќи ја стабилизира ситуацијата и го спречува бегалскиот бран“, рече Фијала.

Тој смета и дека е целосно неприфатливо доколку се покажат точни најавите дека Русија се подготвува да испрати 12.000 севернокорејски војници на фронтот во Украина.

„Тоа само покажува каква опасност претставуваат Северна Кореја и сите слични режими, на пример Иран, за мирот во светот, за зачувувањето на меѓународниот поредок заснован на правила“, рече Фијала. паг/

Фото: ЕПА

 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан