• петок, 22 ноември 2024

Четворица загинати и 14 повредени во терористичкиот напад во Анкара, ликвидирани и двајца напаѓачи

Четворица загинати и 14 повредени во терористичкиот напад во Анкара, ликвидирани и двајца напаѓачи

Анкара, 23 октомври 2024 (МИА) - Министерот за внатрешни работи на Турција, Али Јерликаја потврди дека четири лица загинале, а 14 се повредени во терористичкиот напад во областа Кахраманказан, предградие на Анкара. Во акцијата која следеше неутрализирани се и двајца напаѓачи.

Го осудувам овој грозоморен напад. Нашата борба ќе продолжи со истрајност и одлучност додека не се неутрализира и последниот терорист – рече тој.

Претседателот на Турција, Реџеп Тајип Ердоган, го осуди нападот и потврди дека загинаа четири лица.

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, изрази загриженост поради бројот на жртвите и рече дека НАТО стои покрај својот сојузник Турција.

„Загрижувачки се вестите за загинати и повредени кои доаѓаат од Анкара. НАТО стои до нашиот сојузник Турција. Силно ги осудуваме сите форми на тероризам и внимателно го следиме развојот на настаните“, напиша Руте на социјалната мрежа Икс.

Тој додаде дека телефонски разговарал со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и му ги пренел пораките за поддршка на НАТО.

Генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш изрази сочувство до Турција по терористичкиот напад врз фабриката на Турската воздушна и вселенска индустрија (ТУСАШ) во Анкара.

„Очекуваме информации, но го осудуваме овој напад врз цивилите. Испраќаме сочувство до семејствата на жртвите и се надеваме на целосно закрепнување на повредените“, изјави за Анадолија заменик-портпаролот на ОН, Фархан Хак во име на Гутереш.

Според последните информации од турските медиуми, двајца терористи се неутрализирани, додека третиот напаѓач наводно држи работници во заложништво во фабриката. Ситуацијата и понатаму е напната, а безбедносните сили се во состојба на готовност. Во областа се испратени безбедносни сили, пожарникари и брза помош. Пријавено е дека персоналот на одбранбената фирма е испратен во засолништа од безбедносни причини.

Обвинителството во Анкара, исто така, започна истрага за терористичкиот напад. ссм/

фото: ЕПА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан