• понеделник, 23 декември 2024

Честитка од Мицкоски по повод Успение на Пресвета Богородица и Денот на рударите

Честитка од Мицкоски по повод Успение на Пресвета Богородица и Денот на рударите

Скопје, 28 август 2023 (МИА) - Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски упати честитка до православните христијани по повод големиот празник Успение на Пресвета Богородица, а го честита и Денот на рударите, што исто така се одбележува денеска.

 -Денес е денот кога сите ние треба да си спомнеме за христијанските вредности кои со векови се дел од нашата традиција и вера. Љубовта кон ближните, но и хуманоста се темелите на нашата духовност, бидејќи тие не учат дека треба да жртвуваме дел од нас, да бидеме трпеливи и истрајни, за да направиме подобро денес и подобро утре за нас, но и за нашите идни поколенија. Искушенијата и предизвиците се дел од секој пат, но сплотени заедно можеме сите нив да ги надминеме, наведува Мицкоски. 

 Тој дополнува дека денес многу македонски семејства ја споделуваат тешката судбина на несигурност, сиромаштија и одземена иднина. Ако криминалот и корупцијата ги ништат темелите на нашиот дом, тогаш мораме одлучно да се справиме со нив. Ако отуѓеноста и апатијата ни се закануваат, тогаш заедничкиот патриотизам и проактивноста на секој од нас мора да биде одговорот со кој ќе се спротивставиме, пораќува Мицкоски. 

Како што посочува, македонските рудари се соочуваат со бројни проблеми и тешки услови за работа. Тоа, порачува, мора да се промени.

-Потребни се достоинствени услови за работа и платен труд.
Заедно да изградиме подобро и праведно општество. Ќе донесеме иднина за секој еден човек. Заедно да ја промениме грдата слика на секојдневието и се избориме за иднина. За многу години празникот Успение на Пресвета Богородица. Нека Бог и нашата заштитница Мајката Божја ја штитат Македонија. Нека е вечна Македонија, наведува Мицкоски.лв/

Остани поврзан