• четврток, 04 декември 2025

Честитка на вицепремиерот Стоилковиќ по повод 11 Октомври – Денот на народното востание

Честитка на вицепремиерот Стоилковиќ по повод 11 Октомври – Денот на народното востание

Скопје, 11 октомври 2025 (МИА) - Потпретседателот на Владата и министер за односи меѓу заедниците Иван Стоилковиќ  упати честитка по повод 11 Октомври - Денот на народното востание, во која се посочува дека празникот претставува историски пресврт и симбол на борбата против фашизмот и копнеж за слобода и достоинство на македонскиот народ.

- На овој ден се сеќаваме и им оддаваме највисока почит на сите храбри борци кои ја вградија својата жртва во темелите на нашата слобода и државност. Востанието од 1941 година не беше само воена пресметка, туку и морална обврска – организирана, храбра и праведна борба за човекови права, еднаквост и самоопределување. Беше моментот кога македонскиот народ, заедно со сите заедници што живеат на овие простори, ја избра иднината на независна и демократска држава, вели тој.

Стоилковиќ порачува празникот да биде потсетник дека преку меѓусебна почит, инклузивност и градење на заедничка иднина можеме да обезбедиме траен мир, стабилност и напредок.

- Да ја чуваме слободата и одговорно да ја градиме иднината за генерациите што доаѓаат, посочува Стоилковиќ во честитката. фф/бак/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан