• вторник, 24 декември 2024

Чавушоглу: Не очекуваме санкции од ЕУ, но не ги исклучуваме

Чавушоглу: Не очекуваме санкции од ЕУ, но не ги исклучуваме
Истанбул, 14 септември 2020 (МИА) - Турција не очекува санкции од Европската унија поради спорот со Грција за територијалните претензии во источниот дел на Средоземното море, изјави денеска турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу, додавајќи дека сепак таквата можност не може да се исклучи. Тој повтори дека Турција е отворена за безусловни разговори, но додаде дека бродот за сеизмичко истражување ќе продолжи со операциите што ги прекина вчера. Бродот, додаде тој, бил поставен во пристаништето во Анталија заради ремонт. Чавушоглу додаде дека не очекува лидерите на ЕУ, кои веќе се согласија за поблаги санкции против Турција, да преземат натамошни чекори во таа насока, но дека тоа не може да се исклучи. - Тие би биле против нашиот брод, нашата компанија, поединци. Вакви одлуки се носеа во минатото. Дали се откажавме од нашата решителност? Не, таа само се зголеми, рече Чавушоглу. Грција и Кипар ја обвинуваат Турција за потрага по наоѓалишта на нафта и гас во нивните води, додека Анкара вели дека има еднакви права и на ресурсите во тие води. Грција и Турција тврдат дека имаат право да ги користат енергетските ресурси во спорната област. Турција испрати истражувачки бродови во областа, а членките на ЕУ испратија бродови за поддршка на Грција. паг/

Остани поврзан