• сабота, 16 ноември 2024

Црна федора на Мајкл Џексон од 1983. оди на наддавање

Црна федора на Мајкл Џексон од 1983. оди на наддавање

Париз, 19 септември 2023 (МИА) - Непосредно пред првпат да го изведе својот познат танц „Мунвок“, Мајкл Џексон ја фрли шапката на сцената... И, 40 години подоцна, таа се најде на аукција во Париз, Франција.

Иако е своевидна „ѕвезда“ меѓу околу 200 предмети и рок-сувенири, организаторот Артур Перо од галеријата „Артпеж“ (Artpeges) признава дека цените за предметите на Џексон во последно време паѓаат „поради присуството на фалсификати и обвинувањата против него“. Наддавањето ќе се одржи во хотелот „Друо“ (Drouot) на 26 септември. Црната капа-федора се очекува да достигне цена меѓу 60.000 и 100.000 евра.

Џексон долго време е обвинуван за злоупотреба на деца, што неговите наследници сè уште го оспоруваат и што пејачот го одрекуваше сѐ до својата смрт во 2009 година.

„Кралот на попот“ ја носеше капата при појавувањето на сцената со својот хит „Billie Jean“ на телевизискиот концерт во Мотаун во 1983 година, на врвот на неговата слава. Неколку мигови подоцна, Џексон го покажа она што ќе стане негов заштитен знак - танцот во вид на „одење по месечината“ - навидум лесно лизгање наназад додека изгледа како да оди напред. 

- Човек по име Адам Кели ја зел капата, мислејќи дека луѓето на пејачот ќе дојдат по неа да ја соберат, но тие не го направиле тоа, изјави Перо.

Наоѓачот ја чувал шапката неколку години, па таа мина низ рацете на неколку приватни колекционери, пред да стигне во Париз.  си/

Фото: Пиксабеј

Остани поврзан