• четврток, 21 ноември 2024

ЦО на СДСМ ги утврди кандидатите за техничката влада

ЦО на СДСМ ги утврди кандидатите за техничката влада

Скопје, 27 декември 2023 (МИА) - Централниот одбор на СДСМ попладнево ги утврди кандидатите за техничката влада и го овласти претседателот на партијата Димитар Ковачевски, врз основа на иницијативата за широк Европски фронт, да формира работна група и да разговара со сите политички субјекти, невладини организации и со сите оние кои го поддржуваат европскиот пат и иднината на земјата ја гледаат како полноправна членка на Унијата да се приклучат околу остварување на стратешката цел - членство во ЕУ.

Централниот одбор го утврди Јован Митрески за кандидат на СДСМ за претседател на Собранието до завршување на мандатот на парламентарниот состав 2020-2024 година.

Од кадрите се веќе познатите имиња во актуелната Влада, освен Митко Бојмацалиев, актуелен шеф на кабинет на министерот Оливер Спасовски, кој ЦО го избра за кандидат за дополнителен заменик-министер за внатрешни работи.

Членовите на ЦО донесоа одлука за утврдување на кандидати за министри, заменици-министри и дополнителни заменици-министри во техничката влада од редовите на СДСМ.

Кандидат за заменик на претседателот на Владата задолжен за политики за добро владеење, ЦО ја утврди Славица Грковска, за вицепремиери за економски и европски прашања, Фатмир Битиќи и Бојан Маричиќ.

ЦО на СДСМ ги избра актуелните министри за култура, за животна средна, за земјоделство, шумарство и водостопанство, за транспорт и врски и за одбрана, Бисера Костадиновска Стојчевска, Каја Шукова,
Љупчо Николовски, Благој Бочварски и Славјанка Петровска, да продолжат да раководат со ресорите и во техничката влада.

ЦО ги утврди и кандидати од СДСМ за заменици-министри за правда, за здравство, за информатичко општество и администрација, за финансии, за локална самоуправа, Викторија Аврамовска Мадиќ, Маја Манолева, Александар Бајдески, Филип Николовски и Мики Крстев.

Кандидат за дополнителен заменик министер за труд и социјална политика ја утврди Јована Тренчевска, претседателка на Форум на жени и актуелна министерка.

- Техничката Влада е законска обврска и сите партии треба да ја испочитуваат оваа законска обврска, да учествуваат во изборниот процес, без калкулации, потенцираат од СДСМ.

За шеф на Централниот изборен штаб на СДСМ, ЦО го избра генералниот секретар Миле Зечевиќ Вардарски.

-СДСМ е подготвена и на изборите оди на двојна победа на претседателските и парламентарните избори. СДСМ ќе го даде победничкиот кандидат за претседател и ќе ја формира идната проевропска Влада, велат од партијата.

За претседавач со ЦО на СДСМ е избрана Салавјанка Петровска, којашто заедно со Дашмир Афети од Желино се избрани и за нови членови на ЦО.

- Централниот одбор на СДСМ го утврди Правилникот и роковникот за постапката, начинот и критериумите за утврдување на кандидат на СДСМ за Претседател на Република Северна Македонија на претседателските избори во 2024 година, како и Правилникот, роковникот за постапката, начинот и критериумите за утврдување на кандидати за пратеници  на СДСМ во Собранието на  Република Северна Македонија, информираат од партијата.

ЦО донесе и одлука за свикување на 27 Конгрес на СДСМ за утврдување на кандидат на СДСМ  за Претседател на Република Северна Македонија како и одлука за свикување на 28 Конгрес на СДСМ за утврдување на кандидати за пратеници на СДСМ во Собранието за парламентарните избори во 2024 година. ир/дма/

Фото: СДСМ

Остани поврзан