• петок, 20 декември 2024

ЦИВИЛ: Протести за „Монструм“ да се одржат без насилни инциденти и да се почитуваат мерките за заштита од Ковид-19

ЦИВИЛ: Протести за „Монструм“ да се одржат без насилни инциденти и да се почитуваат мерките за заштита од Ковид-19
Скопје, 26 февруари 2021 (МИА) - По повод најавените протести по пресудата за обвинетите во случајот „Монструм“, ЦИВИЛ упатува силен повик до учесниците да протестираат мирно и достоинствено, да се придржуваат кон протоколите за заштита од Ковид-19, да не подлегнуваат на евентуални провокации и да одбегнуваат секаков вид насилно однесување.
ЦИВИЛ ги повикува и органите на јавниот ред, во текот на протестите да ја извршат благородната задача на чувари на јавниот ред и мир, да не дозволат евентуални провокации да ескалираат во насилства, од ниту една страна, и да бидат на висина на својата задача најдобро што можат.
ЦИВИЛ ги повикува политичарите, медиумите и групите што генерираат онлајн содржини на социјалните мрежи да не шират лажни вести и говор на омраза, а својата потреба за политички профит да ја задоволат во некоја друга прилика.
Протестот е уставно загарантирано право на секој граѓанин на Република Северна Македонија, и со тоа право им се овозможува на граѓанките и граѓаните да си ги искажат своите незадоволства пред субјекти од интерес, и како таков, треба да се почитува, како од пошироката јавноста, така и од државните органи, но пред сè, од организаторите и учесниците на протести.
ЦИВИЛ будно ги следи сите граѓански протести, и им порачува на сите засегнати страни да бидат достоинствени во своите намери и задачи. фф/ац/

Остани поврзан