• недела, 22 декември 2024

ЦЕФТА договара признавање на професионалните квалификации и олеснување на процедурите за правата од интелектуална сопственост

ЦЕФТА договара признавање на професионалните квалификации и олеснување на процедурите за правата од интелектуална сопственост

Скопје, 23 јуни 2023 (МИА) - Експертите од државите-членки на ЦЕФТА се согласија за нов сет на правила кои ќе ја промовираат професионалната мобилност и ќе ја олеснат трговијата. Станува збор за одлука за воспоставување генерален систем за признавање на професионалните квалификации и одлука за трговските аспекти на правата на интелектуална сопственост. Двете одлуки треба допрва да бидат усвоени од Мешовитиот комитет на ЦЕФТА.

Согласно првата одлука, луѓето кои стекнале квалификации во некоја од ЦЕФТА државите и добиле право да ја практикуваат својата професија, ќе може да ги нудат своите услуги и на други ЦЕФТА пазари. И професионалците кои ги стекнале своите дипломи на друго место, но се признати во една од ЦЕФТА страните и имаат најмалку три години професионално искуство, како и експерти од страните во кои не е регулирана наведената професија, а имаат најмалку една година искуство, ќе можат да аплицираат за признавање според овие правила.

Примената на овие заеднички правила ќе почне од инженерите и постепено ќе вклучува и други професии.

-Со оглед на различните барања за квалификација низ ЦЕФТА и недостатокот на стандарди договорени со ЕУ, властите задолжени за признавање сепак ќе ги споредуваат официјалните критериуми со обезбедените квалификации и само во случај на значителни разлики можат да наметнат компензаторни мерки како што е период на адаптација до три години или тест за способност. На лицата чиј професионален профил не се совпаѓа со регулираните профили, може да им се даде делумен пристап до професијата. Примената на овие заеднички правила ќе започне од инженерите и постепено ќе вклучува и други професии. Оваа одлука е комплементарна на Договорот за признавање на професионални квалификации за доктори по медицина, доктори по дентална медицина и архитекти во рамките на ЦЕФТА. Заедно овие два договори транспонираат два системи за признавање на ЕУ регулирани во Директивата на ЕУ за професионални квалификации 2005/36/ЕЗ, наведуваат од ЦЕФТА.

Одлуката, пак, за трговските аспекти на правата од интелектуална сопственост обезбедува сеопфатен патоказ дизајниран да одговори на пречките и предизвиците со кои се соочуваат компаниите кои работат на пазарите на ЦЕФТА, како што се скапите и долги процедури за регистрација на правата од интелектуална сопственост, различни третмани низ регионот, несоодветна правна заштита,... 

-Преку рационализирање на процесите, намалување на трошоците, зајакнување на регионалната рамка за правата на интелектуална сопственост и унапредување на соработката, Одлуката ќе промовира иновации на производи и услуги и ќе обезбеди еднаков третман за бизнисите низ регионот, ќе ги осигура здравјето и безбедноста на потрошувачите јакнејќи ја заштитата на потрошувачите од фалсификувани и пиратски производи. Правата на интелектуална сопственост се клучни за заштита на иновациите и конкурентноста засновани на паметни и нови решенија за бизнисите и потрошувачите. Со овозможување посилна соработка на ова поле ЦЕФТА придонесува за градење пријателска средина за раст на локални иновативни лидери, дополнуваат од ЦЕФТА.

Според  Данијела Гачевиќ, в.д. директор на Секретаријатот на ЦЕФТА, апсолутен приоритет е спроведувањето на Акцискиот план за заеднички регионален пазар.

-Но, ова не е само обврска што треба да се штиклира како завршена, ова се многу конкретни можности за конкретни луѓе и бизниси. Доколку се искористат, тие ќе создадат придобивки што ќе се почувствуваат во домаќинствата, компаниите и комуникацијата меѓу луѓето, но и во нашата извозна статистика и проценките за странски инвестиции, вели Гачевиќ. мч/дма/

фото: ЦЕФТА

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан