Целосно реконструирано спортското и детско игралиште во населбата Кале
- Општина Центар ја финализираше целосната реконструкција на спортското и детско игралиште во населбата Кале, создавајќи модерен, безбеден и функционален простор за спорт, игра и дружење на отворено, се наведува во соопштението од Општина Центар, што МИА го пренесува во интегрална форма.

Скопје, 30 јули 2025
Општина Центар ја финализираше целосната реконструкција на спортското и детско игралиште во населбата Кале, создавајќи модерен, безбеден и функционален простор за спорт, игра и дружење на отворено, се наведува во соопштението од Општина Центар, што МИА го пренесува во интегрална форма.
Градоначалникот Горан Герасимовски информира дека со оваа инвестиција, Општината продолжува со активното унапредување на јавните простори во сите маала.
- Изминатиов период инвестиравме во нови спортски и детски игралишта низ Центар. Се грижиме тие да бидат модерни, функционални и достапни за сите, затоа што активниот живот и квалитетниот јавен простор се приоритет за нас, изјави Герасимовски.
Во рамки на реконструкцијата на игралиштето на Кале се реализирани следниве активности: изградба на ново фудбалско игралиште со современа подлога, поставување на нова заштитна ограда, поставување на нова тревна подлога на детското игралиште, изградба на нов летниковец за одмор и социјализација и целосно уредување на просторот со елементи за спорт и рекреација.
Обновениот простор веќе претставува ново омилено собиралиште за жителите од сите возрасти и е достапен за сите посетители.
Општина Центар и натаму вложува во современи и безбедни јавни простори со цел да обезбеди подобар квалитет на живот и повеќе можности за активен одмор и дружење на граѓаните.
Воедно, од Општината апелираат до сите граѓани да ги чуваат и заеднички да се грижат за јавните простори, особено за детските игралишта. Вандализмот не само што предизвикува материјална штета, туку и ја загрозува безбедноста на најмладите. Овие простори се создадени за децата и заедницата – да ги зачуваме и почитуваме како такви.
Општина Центар